Emre Aytekin
11 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
НАХА (АА) - Воен авион „Ф-15“ на американските воздухопловни сили се урна во морето во близина на островот Окинава, на југот од Јапонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јапонската новинска агенција „Кјодо“ јави дека пилотот се катапултирал и успеал да се спаси.
Несреќата се случила за време на рутинската обука за летање, а пилотот кој беше спасен од јапонската спасувачка служба е добро.
Јапонските претставници се загрижени за честите хеликоптерски и авионски несреќи во близина на американските бази во Јапонија и опасноста што ја претставуваат по животот на цивилите.
Јапонскиот министер за одбрана, Ицунори Онодера, побара да се преземат неопходните безбедносни мерки и ја предупреди Американската армија да работи за спречување на слични настани.
„Воените авиони на Американската армија честопати се учесници во несреќите. Од нашите сојузници бараме да преземат мерки за безбедност на летот“, рече Онодера.
Такеши Онага, гувернер на Окинава, ја даде следната изјава: „Ако ваквите настани станат нормален дел од нашите животи, тогаш ние нема да можеме да ја исполниме нашата одговорност кон нашите деца и идните генерации. Не верувам дека меѓу развиените земји постои некоја друга земја која се соочува со ваков вид проблем“.
Во текот на изминатите неколку години, околу островот Окинава, каде што се сместени голем број американски војници, се случуваат голем број воени и хеликоптерски несреќи.