Gülbin Yıldırım
22 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
ВАШИНГОН (АА) - Американската федерална Влада утринава по третпат оваа година е делумно блокирана, откако Конгресот не го поддржа предлогот на претседателот Доналд Трамп за издвојување на додатни 5 милијарди долари во буџетот, а за финансирање на изградбата на ѕидот долж границата со Мексико, јавува Anadolu Agency (AA).
Кризата околу буџетот настана откако американскиот претседател Доналд Трамп порача дека нема да стави потпис на Нацрт-буџетот, кој не содржи финансирање на изградбата на ѕидот долж границата со Мексико. Откако ни демократите не сакаа да направат чекор назад, федералната Влада е делумно блокирана.
Со тоа федералните јавни институции, кои останаа без финансии, ги прекинаа своите активности на 22 декември, поточно од 00:01 часот.
Милиони Американци кои работат за федералните агенции и институции, кои ќе останат затворени сѐ додека на сила не стапи новиот буџет, во наредниот период ќе работат без надомест или ќе отидат на задолжителен одмор.
Ова не се однесува на американските министерства за одбрана, здравство, труд и образование, за кои буџетот од 854 милијарди долари е усвоен во септември оваа година.
Едно од главните ветувања на Доналд Трамп беше изградбата на ѕидот долж границата со Мексико. Но со оглед на тоа што демократите одбија да поддржат во буџетот да се стават додатни 5 милијарди долари за овој ѕид, федералната Влада е блокирана по третпат оваа година.
Првиот пат тоа се случи исто така поради несогласувања околу буџетот, а Владата беше блокирана на 20 јануари оваа година, на првата годишнина од влезот на Трамп во Белата куќа. Блокадата траеше три дена. Слична ситуација се случи и на 9 февруари, но траеше неколку часа. Вкупно во оваа земја Владата е блокирана 21 пат.