Dilara Karataş
03 Декември 2023•Ажурирај: 05 Декември 2023
ДУБАИ (АА) - Американската потпретседателка Камала Харис изјави дека Израел треба да го почитува меѓународното хуманитарно право и напомена дека голрм број невини цивили се убиени во Газа, известува Анадолу.
Харис вчера присуствуваше на 28. конференција на земјите-членки на Конвенцијата на Обединетите нации за климатските промени во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
На маргините на конференцијата Харис разговараше со претседателот на ОАЕ, Мохамед бин Заед ал Нахјан, египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и јорданскиот крал Абдула II.
Харис по состанокот истакна дека се потресни сцените од Газа.
„Многу е важно како Израел се брани. Во Газа се убиени премногу невини цивили. Страдањето на цивилите и сликите од Газа се многу потресни“, рече американската потпретседателка.
Таа истакна дека Палестинците мораат да раководат со Газа за да се постигне траен мир во регионот, додавајќи дека палестинската власт мора да се обезбеди со волјата на сопствениот народ.
Потпретседателката Харис нагласи дека е против присилното раселување на Палестинците.
„Нема да има повторна окупација, опсада или блокада. Нема да има губитоци на територии и Газа нема да се користи како платформа за тероризам“, рече Харис.