Ruslan Rehimov
20 Ноември 2020•Ажурирај: 21 Ноември 2020
БАКУ (АА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, во обраќањето на нацијата по повод ослободувањето на регионот Агдам од ерменска окупација, упати остри критики на сметка на Советот на Европа и Европскиот парламент за молкот за ерменските напади врз цивилните подрачја во Нагорно Карабах, како и за нереагирањето на притисоците на ерменските власти врз опозицијата во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Алиев во текот на своето обраќање упати честитки до сите Азербејџанци по повод ослободувањето на регионот Агдам од ерменска окупација.
Напомена дека со години се обидувале по мирен пат да го решат проблемот со Нагорно Карабах, но бидејќи тоа не било можно, се обиделе тоа да го сторат преку воен пат користејќи ги своите законски права.
Алиев ослободувањето на Агдам од окупацијата го опиша како историски настан и потсети дека пред окупацијата во Агдам живееле 143.000 Азербејџанци, додека сега тој број достигнал 203.000.
Потсети дека реализирале големи развојни проекти во подрачјата на Агдам кои досега не биле под окупација.
„Сега за Агдам започнува нова ера. Имаме големи планови. На окупираните територии сè е уништено. Ќе го обновиме градот Агдам. Државата ќе им помогне на граѓаните да се вратат таму“, рече Алиев, и додаде:
„Агдам е спасен благодарение на нашата славна воена победа. Ако Азербејџан не ја победеше Ерменија на бојното поле, Ерменија немаше доброволно да ја напушти нашата земја.“
Понатаму наведе дека Ерменија е поразена и дека таа го признала својот пораз.
„Ерменија е изгубена земја. Која е причината за овој неуспех? Окупацијата. Тоа го имам кажано повеќепати. Реков дека оваа окупација ќе ја одведе Ерменија кон пропаст. Реков дека никогаш нема да ја прифатиме оваа окупација, дека порано или подоцна ќе ја вратиме својата земја. Ерменија не беше независна земја речиси 30 години, не е независна ниту денес. Ерменија е всушност колонија“, порача Алиев.
Додаде дека окупацијата на Ерменија не ѝ донела ништо, дека е засрамена пред целиот свет затоа што е поразена на бојното поле, и дека ќе остане запаметена како поразена земја.
„Им реков навреме да се вразумат и да ѝ стават крај на окупацијата. Дека сѐ додека трае оваа окупација, Ерменија нема да може да се развива. Политички зависна, воено зависна, економски непотполна. Таа формираше многу штетен идеолошки темел. Нејзините идеолошки темели се формирани на лаги за минатото и на извртување на историјата“, рече Алиев.
Тој исто така порача дека ниту една земја не може да се развие ако не е во можност да има нормални односи со соседите.
„Како претседател го поддржувам прекинувањето на непријателствата во Јужен Кавказ и воспоставувањето нормални односи. Немаме проблеми со ерменскиот народ. Сигурен сум дека Ерменците кои денес живеат во Нагорно Карабах еден ден ќе сфатат дека нивниот единствен начин е да живеат рамо до рамо со азербејџанскиот народ и да се откажат од тие лоши дела“, рече Алиев.
На крајот азербејџанскиот претседател укажа на недостигот на реакции од западните земји за вршењето притисок врз ерменската опозиција поради внатрешната криза во таа земја.
„Во Ерменија секој ден се апси по некој член на опозицијата. Дали барем една западна земја реагира на ова? Не. Уапсени се челници на главните опозициски партии. Никој не рече ништо. Совет на Европа, каде си? Каде е Советот на Европа, кој го омаловажува Азербејџан и се обидува да ни го разниша угледот, зошто молчиш? Каде ти е демократијата, човековите права? Европскиот парламент против Азербејџан усвои 10 резолуции кои се темелат на лаги. Зошто молчи Европскиот парламент? Се претставувате како центар на демократијата во светот. Огласете се, дајте соопштение, осудете. Еден диктатор пред очите на светот ја уништува опозицијата. Нѐ гаѓаа со балистичка ракета, касетна бомба, со фосфорни бомби, а вие на тоа молчевте. Големи држави, земји кои се претставувате за лидери на Европа, зошто молчите?“, праша Алиев во својот говор.