Ekipa
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
МЕЛБУРН (АА) - Австралискиот Парламент беше доведен во застој во денес попладне (по локално време) кога активистите за бегалци извикуваа слогани од галеријата, поради што мораа да бидат изнесени со употреба на сила, јавува Anadolu Agency (AA).
Хаотичните сцени следea oткако полицијатa и обезбедувањето извлекоа околу 50 лица од просторијата, а спикерот на Парламентот, Тони Смит, презеде невообичаена мерка и ја одложи работата на Парламентот за 40 минути.
Смит го опиша инцидентот како невообичаена сцена што му се заканува на угледот на Парламентот.
Еј-би-си објави дека некои демонстранти ги залепија своите раце за оградата на галеријата во Парламентот.
Активистите, извикувајќи: „Затворете ги камповите“ и „ Донесете ги тука“, го изразија своето противење на имиграционата политика на земјата, со која се етикетираат барателите на азил кои патуваат со брод како „илегалци“, тие се приведувани на пацифичките острови Науру и Манус и им се забранува влез во Австралија.
„Ова е вонредна состојба. Ова е хуманитарна криза. Сите вие сте соучесници“, изјави еден од демонстрантите во галеријата на собраниската сала.
Еј-би-си објави дека активисти од „Свиркачи“ (Whistleblowers Activists) и Граѓанска алијанса (Citizens Alliance) зедоа одговорност за започнување на протестот.
Во соопштението, портпаролката соопшти дека демонстрантите дошле во Парламентот за да ѝ порачаат на владата да го сопре лудилото и да ги затвори центрите за баратели на азил на островите Науру и Манус.
Министерот за имиграција Питер Датон, во денешниот разговор за радиото 2ГБ, ги нарече демонстрантите идиоти.
„Зелените имаат многу нешта за коишто треба да се извинат“, изјави тој, алудирајќи на политичката партија чии лидери се видени како ги поздравуваат демонстрантите по настанот.
„Гледам дека тие во моментов пишуваат објави на Твитер во коишто кажуваат колку беше големо ова што го сторија, но мислам дека повеќето Австралијци, вредните даночни обврзници, ќе бидат прилично лути за овие денешно сцени, и тоа со право“, рече Датон.
„Поракатa на оваа влада е многу јасна: ние нема да им дозволиме на луѓето што се обидуваат да дојдат тука со брод, да се населат во нашата земја“.
Полицијата преку соопштение истакна дека одреден број луѓе се задржани на разговор во врска со инцидентот, но нема поднесено пријави против нив.