Ruslan Rehimov
15 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
БАКУ (АА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алијев ги посети Фузули, Зенгилан, Лачин и Џабраил, подрачјата ослободени од ерменската окупација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во содржините споделени на социјалните мрежи од страна на Мехрибан Алијева, сопругата на азербејџанскиот претседател, се прикажува како Алијев посетил неколку области со возило што тој го управувал.
Алијев на објавените снимки во текот на патувањето посочи на уништените населени места и кажа дека селата биле запалени од ерменските сили.
„Веќе започна обновата на ослободените подрачја“, наведува Алијев, додавајќи дека ерменските сили за време на периодот на окупацијата уништиле и шумски подрачја во тие области.
Тој додаде дека во тек е подготовката на плановите за обнова за сите градови, а дека по расправата ќе започнат и активностите.
Алијев рече дека во рамките на проектот „Паметно село“ ќе се започне од Агали, во Зенгилан, што ќе биде првото обновено село.
На посебна видеоснимка се гледа како Алијев засадува чинар во Беситчај и соопштува дека започнало пошумувањето во областа. Претседателот на Азербејџан тврди дека ерменските сили на тоа подрачје уништиле чинари стари околу 300 години.
Започна и порибувањето на реката Беситчај, а Алијев рече дека водните ресурси, со кои е богат регионот, ќе бидат од корист на населението на Азербејџан.
Според него, населението е раселено за време на ерменската окупација и живеело во многу лоши услови.
Алијев наведува дека принудното раселување претставува воено злосторство.
„Непријателот поради сите овие воени злосторства го доби тоа што го заслужи. Ќе одговара и на меѓународно ниво“, порача Алијев.
Додаде дека подрачјата уништени за време на ерменската окупација ќе бидат обновени за краток период.
Алијев рече дека земјоделскиот потенцијал на ослободените подрачја е огромен и дека за време на окупацијата во регионот биле засадени житни култури на околу 90.000 хектари.
Тој најави и дека ќе присуствува на отворањето на хидроцентралата во селото Гулебирт, во Лачин, што ќе биде прва централа во областите ослободени од окупација.