Dilan Pamuk
07 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
ПАРИЗ (АА) - Азербејџанскиот амбасадор во Париз се заблагодари на Турција за поддршката, но го критикуваше рамнодушниот став на Франција за ерменската окупација на Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган не нѐ напуштија во спорот за Нагорно Карабах“, изјави амбасадорот на Азербејџан, Рајман Мустафејев, во интервју за АА.
„Турската дипломатија работи на решенија за Нагорно Карабах, таа не одговара на провокациите на Ерменија на ист начин со фрлање бомби на места [оддалечени] 250 километри од конфликтната зона“, изјави тој.
Истакна дека ја цени моралната поддршка која ја пружа Турција.
„Не разбирам зошто оваа поддршка ѝ пречи на француската елита. Ерменците исто така го прекршуваат францускиот закон со признавање на Нагорно Карабах како ерменска територија“, рече тој.
Мустафејев изјави дека Амбасадата на Азербејџан во Париз била под закана и дека била напаѓана неколкупати. „Ако владеењето на правото е доведено во прашање, тогаш не е нормално за Франција да дозволи сево ова да се случи“, рече тој.
Тој ги критикуваше француските власти бидејќи не отвораат истрага, не преземаат мерки против оние кои им се заканија и ја оштетија зградата на Амбасадата.
Амбасадорот повика дека е потребна силна реакција во Франција против беззаконието на ерменската дијаспора.
Повикувајќи ја Ерменија да се повлече од териториите кои ги окупира кршејќи го меѓународното право, тој рече: „Не ни требаат еднострани ветувања на Ерменија; очекуваме меѓународни гаранции.“
Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.