Ruslan Rehimov
25 Октомври 2021•Ажурирај: 26 Октомври 2021
БАКУ (АА) - РУСЛАН РЕХИМОВ -
Меѓународниот аеродром „Фузули“, што утре свечено ќе го отворат турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, е завршен во рок од осум месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првиот аеродром изграден на територијата што Азербејџан ја ослободи од окупација ќе биде отворен утре со свечена церемонија на која ќе присуствуваат Ердоган и Алиев.
Ердоган ќе биде првиот претседател што ќе слета на Меѓународниот аеродром „Фузули“.
Аеродромот, чии темели на 14 јануари 2021 година ги постави азербејџанскиот претседател Алиев, за само неколку месеци стана воздухопловно пристаниште приспособено на највисоките меѓународни стандарди.
Првиот пробен лет на аеродромот беше изведен на 22 август.

Пистата на аеродромот е долга 3.000 метри и широка 60 метри. Терминалот може да опслужува 200 патници на час.
Покрај тоа, на аеродромот ќе можат да слетуваат и полетуваат широкотрупни авиони.
Во изградбата на аеродромот, што е приспособен на меѓународните стандарди и е опремен со најсовремена опрема, учествуваа и турски компании.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) го стави аеродромот на листата на меѓународни аеродроми под кодот FZL.

Меѓународниот аеродром „Фузули“, од кој ќе се реализираат и меѓународни летови, ќе биде еден вид врата на Карабах кон светот.
Се очекува аеродромот да придонесе и за развој на туризмот и трговијата во тоа подрачје.
Туристичките групи кои ќе сакаат да ја посетат Шуша, градот симбол на Карабах, ќе можат да го скратат патувањето користејќи го аеродромот „Фузули“. Аеродромот од Шуша е оддалечен 100 километри, а од Баку околу 300 километри.
„Изградбата на аеродромот започна оваа година. Тогаш реков дека Меѓународниот аеродром Фузули ќе биде отворен оваа година. Можеби ниту еден аеродром во светот не е изграден толку брзо. Пистата е спремна, во тек се последните подготовки. Овој аеродром е воздушната врата на Карабах“, рече Алиев при посетата на аеродромот додека беше во фаза на изградба.