Ruslan Rehimov
27 Септември 2023•Ажурирај: 28 Септември 2023
БАКУ (АА) - Азербејџанските власти денес го приведоа Рубен Варданјан, еден од поранешните „државни министри“ на таканаречената ерменска администрација во регионот на Карабах, јавува Анадолу.
Варданјан бил приведен од граничари додека се обидувал да премине од Азербејџан во Ерменија, се вели во соопштението на Државните гранични служби на Азербејџан.
Тој бил донесен во главниот град Баку и упатен до надлежните органи.
Рубен Варданјан, кој живеел во Русија и бил руски државјанин, аплицирал за денатурализација во септември 2022 година.
Тој дошол во Карабах и служел како „државен министер“ во таканаречената ерменска администрација.
Варданјан има криминална историја, како што е перење пари, нелегално оружје и трговија со дрога. Тој на своите профили на социјалните мрежи даде и провокативни изјави против Азербејџан.
Тензиите меѓу Азербејџан и Ерменија започнаа во 1991 година кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, и уште седум соседни региони.
Есента 2020 година Азербејџан ослободи неколку града, села и населби од ерменската окупација во текот на 44-дневните судири. Војната заврши со прекин на огнот со посредство на Русија.
Тензиите меѓу двете земји, сепак, продолжуваат и покрај тековните разговори за долгорочен мировен договор.
Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан треба да се состанат на 5 октомври во шпанскиот град Гранада за да разговараат за потпишувањето мировен договор меѓу двете земји.