Ruslan Rehimov
20 Ноември 2020•Ажурирај: 20 Ноември 2020
БАКУ
Провинцијата Агдам, која Ерменија ја окупира во 1993 година, 27 години подоцна им е предадена на нејзините вистински сопственици, Азербејџанците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Успехот што го постигна азербејџанската Армија во операцијата за ослободување на нејзините територии во Нагорно Карабах на 27 септември, ја принуди Ерменија да потпише примирје.
Според примирјето потпишано од Азербејџан и Ерменија, ерменските вооружени сили го напуштија Агдам на 20 ноември.
Заедно со ерменската Армија, ерменското население, кое се населило во регионот пред 27 години, исто така го напушти регионот.
Азербејџанската Армија влезе во Агдам со тенкови и оклопни возила со азербејџански и турски знамиња.
Агдам, лоциран на исток од Нагорно Карабах, за време на периодот на окупацијата беше тампон-зона помеѓу вооружените сили на Ерменија и Азербејџан.
По распадот на Советскиот Сојуз вооружените сили на Ерменија ги нападнаа азербејџанските територии и го окупираа Ханкенди во 1991 година, Хоџали и Шуша во 1992 година и влегоа во Агдам во 1993 година по Лачин, Хоџавенд, Келбајар и Агдере.
Пред окупацијата, 143 илјади Азербејџанци живееја во центарот на градот и во 100-те села во градот.
Приближно 5 илјади Азербејџанци ги загубија животите во одбраната на градот. Околу 73 проценти од Агдам беше окупиран од страна на Ерменија. Ерменската администрација го смести во областа ерменскиот народ донесен од различни региони на земјата.
За време на периодот на окупацијата, Ерменците уништија многу историски и културни артефакти што им припаѓаа на Азербејџанците и центарот на градот речиси го срамнија со земја.
Џамијата „Улу“ во Агдам, која беше отворена за богослужба во 1870 година, Музејот за леб во Агдам и Музејот за етнографија во Агдам, како и историските артефакти во внатрешноста, се дел од објектите кои беа уништени од страна на Ерменците.
Уништувањето на Ерменците во Агдам за време на окупацијата во странските медиуми беше опишано како „Хирошима на Кавказ“.
Ерменците продолжија да уништуваат и пред 20 ноември кога поради примирјето мораа да го напуштат градот. Опожарени беа куќи, исечени дрвја, оштетена е и инфраструктурата. Животните кои не можеа да ги носат со себе, ги усмртија.
Азербејџанската Армија ќе го исчисти регионот од поставените мини и ќе ја санира инфраструктурата. Откако ќе се осигура безбедноста на регионот, повеќе од 200 илјади жители на Агдам кои 27 години живеат далеку од својата земја, ќе се вратат во своите домови.
Откако војската на Азербејџан на 27 септември започна операција со цел ослободување на Нагорно Карабах, од ерменска окупација се ослободени 5 града, 4 помали места и 286 села, што доведе до капитулација на Ерменија. Во рамките на Договорот за прекин на огнот, Ерменија се согласи на Азербејџан да им ги врати Агдам, Лацин и Келбецер.