Ayhan Şimşek
26 Октомври 2018•Ажурирај: 27 Октомври 2018
БЕРЛИН (АА) - Австрија денес ги повика земјите членки на ЕУ да запрат со извозот на оружје на Саудиска Арабија, поради убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката за надворешни работи, Карин Кнајсл, чија земја го води ротирачкото претседателство на ЕУ, изјави дека убиството на новинарот во саудискиот Конзулат во Истанбул претставува „прекршување на законот без преседан“.
Таа ја обвини Саудиска Арабија за вршење масовни прекршувања на човековите права дома и за нивните контроверзни политики во регионот на Блискиот Исток.
„Особено ужасната војна во Јемен и кризата во Катар треба да бидат доволна причина за земјите членки на ЕУ да усвојат заеднички став кон Саудиска Арабија“, изјави Кнајсл за весникот „Велт“ („Die Welt“).
„Доколку ние, цела ЕУ, ги запреме испораките на оружје на Саудиска Арабија, тоа може да придонесе за ставање крај на овие конфликти“, додаде таа.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските претставници минатата недела признаа дека новинарот е убиен во просториите на Конзулатот.