Ekipa
14 Октомври 2022•Ажурирај: 16 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Стотици семејства се раселени поради поплавите во австралиската држава Викторија, најлошите во последните пет децении, објавија денеска локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Многу луѓе се заробени во областите во близина на реките Марибирнонг и Вериби, откако нивните домови беа поплавени, а властите ги евакуираат со чамци, јави „Еј-би-си њуз“ (ABC News).
Според зборовите на државниот премиер Даниел Ендрјус, околу 1.500 луѓе се раселени, а 4.700 дома останале без струја поради поплавите кои го оштетија електроенергетскиот систем.
Фотографиите на социјалните мрежи покажуваат како вода влегува во домовите, продавниците и во автомобилите.
Властите објавија дека била причинета материјална штета на повеќе од 500 куќи во различни области, а биле воспоставени и засолништа за лицата раселени од погодените области.
Официјални лица вчера ги повикаа жителите на градовите Сејмур и Карисбрук, во близина на Бендиго, Викторија, да се преселат во побезбедни области поради зголемувањето на нивото на водата на реката Лодон.
Во Нов Јужен Велс, Државната служба за итни случаи издаде наредба за евакуација на жителите.
Итно предупредување за поплави беше издадено и во делови на Тасманија, при што властите побараа од луѓето од Лиена до Латроб, како и од Меандер до Хадспен и околните области, да преземат мерки на претпазливост.
Илјадници луѓе беа раселени од своите домови во јули поради силен дожд и поплави во Нов Јужен Велс.
Во март од поплавите загинаа 12 лица, а причинета е материјална штета на стотина имоти.