Recep Şakar
23 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
МЕЛБУРН (АА) - Австралиското биро за безбедност во сообраќајот (ATSB) го отфрли тврдењето дека пилотот намерно го урнал во морето патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ (Malaysia Airlines) на кобниот лет MH370 од Куала Лумпур кон Пекинг, јавува Anadolu Agency (AA).
Директоротот на ATSB, Питер Фоли, им се обрати на новинарите во Канбера и изјави дека теоријата за пилотот самоубиец не се базира врз факти и оти како таква е неприфатлива.
Канадскиот експерт за авионски несреќи Лари Ванс неодамна изнесе тврдење дека авионската несреќа на 8 март 2016 година во Јужноиндискиот Океан била намерно предизвикана од пилотот.
„Пилотот изврши самоубиство, а за жал ги уби и сите патници во авионот“, рече Ванс.
Од друга страна, Фоли ги негираше ваквите тврдења.
„Мора да ги земеме предвид сите докази и непристрасно да ги анализираме. Сите информации што ни се достапни укажуваат на фактот дека пилотот во моментот на несреќата немал контрола врз авионот“, изјави Фоли.
Авионот на летот MH370 исчезна за време на летот од Куала Лумпур кон Пекинг. Меѓународната потрага по авионот беше завршена на почетокот на минатата година, а со авионот исчезнаа 227 патници и 12 членови на екипажот.