Bilal Güler,Sayed Khodaiberdi Sadat
26 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
КАБУЛ
Семејствата во Авганистан се принудени да ги продаваат своите деца и бубрези бидејќи повеќе од половина од населението се соочува со сериозни потешкотии за да ги задоволат основните потреби за храна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Долги години во Авганистан, луѓето без двоумење ги продаваат своите бубрези за да добијат парче леб.
Илјадници Авганистанци, повеќето Паштуни, кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради сушата во последните четири години и конфликтите помеѓу талибанците и претходната Влада во регионот Шахр-и Себз, околу 20 километри од градот Херат, се обидуваат да преживеат.
Во регионот куќите направени од кал и глина немаат електрична енергија, вода и системи за греење. Во деновите кога зимските услови стануваат полоши, повеќето домови немаат ниту печка. Оние кои имаат печка, горат пластика за да ги загреат домовите наместо дрва за огрев или јаглен. Ова може да предизвика труење.
- Трговија со бубрези
Локалниот жител, 38-годишниот Абдулкадир, рече дека пиел само чај и јадел сув леб.
Рече дека нема пари за да оди во болница.
„Отидов во болница да продадам еден од моите бубрези за 150.000 авганистански авгани (околу 1.457 долари). Докторите ми рекоа дека ако направам операција и ако го извадам бубрегот, ќе умрам. Сепак, јас сакам да го продадам мојот бубрег. Нашата економска ситуација е толку лоша што јас сум спремен да продадам едно од моите деца за 150.000 авганистански авгани. Сакам да ги спасам останатите членови на моето семејство.“
Во меѓувреме, локалните жители се жалат за недостиг на работа. Некои тинејџери и возрасни просат во центарот на градот и собираат пластика и хартија од ѓубрето. Жените предат и предиво од волната што ја носат трговците. Луѓето можат да заработат најмногу 50 - 100 авганистански авгани (околу 0,50 - 1,00 долари) на ден.

Ѓулбудин (38) рече дека тој во моментот не може да работи каква било физичка работа бидејќи претходно продал еден од неговите бубрези.
Тој рече дека ја продал својата 12-годишна ќерка Рузие за 3.500 долари пред три години и бубрегот за 2.000 долари пред две години за лекување на неговата жена, додавајќи дека болеста на неговата жена и финансиските потешкотии продолжиле.
Понатаму рече дека ја продал неговата втора ќерка, петгодишната Раџие, за 1.500 долари минатата година, додавајќи: „Ако некој дојде и го сака моето око, ќе го продадам само за да може мојата сопруга да преживее.“
- Продавање деца
Живеејќи со својот 70-годишен татко, Бибизана, 30-годишна мајка на четири деца, рече: „Го продадов бубрегот. Потоа морав да продадам една од моите ќерки. Со тие пари ги купив потребните работи за куќата. Посакувам да не се родев на овој свет. Посакувам никогаш да не ги видев овие денови. Деновите ми поминуваат како во пекол. Морам да издржам.“
Со солзи во нејзините очи, таа рече дека не знае за колкава вредност бил продаден нејзиниот бубрег и дека нејзе ѝ биле дадени само 50.000 авганистански авгани (околу 486 долари).
Дополнително, еден од војниците во претходната авганистанска Влада, Ѓуламхазрет (25), рече дека неговото четиримесечно бебе починало поради неухранетост и настинка и дека тие го закопале бебето на гробиштата во близина на куќата пред да можат да го однесат во болница.
Истакнувајќи дека ја продал својата ќерка за 3.000 долари пред две години, тој рече: „Јас сум татко. Никој не сака да си го продаде своето дете.“

- Барање купувачи
Авганистанците кои сакаат да ги продадат своите бубрези, одат од болница во болница, барајќи пациенти кои ќе ги земат нивните бубрези.
Работејќи во центарот за дијализа во една од најголемите болници во главниот град Кабул, докторот Хосал Туфан рече дека во последните пет години, повеќе од 200 луѓе се пријавиле кај нив и понудиле да им ги продадат своите бубрези.
„Оние кои сакаат да ги продадат бубрезите, доаѓаат кај нас, но ние ги одбиваме бидејќи трансплантација на бубрег не може да се изврши“, додаде Туфан.
Трговијата со бубрези во Авганистан работи речиси како индустрија. Херат е една од централните провинции заедно со главниот град Кабул во трговијата со бубрези. Во секоја провинција има две приватни болници кои вршат трансплантација на бубрези. Поради таа причина има луѓе од соседните земји како што е Иран и Туркменистан кои доаѓаат во Херат за да бараат бубрези.
- Талибанскиот закон за забрана на трговијата со бубрези
Директорот на една од приватните болници, кој сакаше да остане анонимен, рече дека извршиле повеќе од 100 трансплантации на бубрези во последните шест години.
„Претходно немаше ниту соодветна процедура која се следи за трансплантација на бубрег. Талибанската администрација забрани трансплантација на бубрези од неповрзани луѓе со закон што го објави на 16 јануари“, додаде директорот.

Мевлеви Наимула Хаккани, директорот за култура и информации во Херат и портпаролот на провинцијата на талибанците, рече дека тие се против продажбата на деца и органи. „Луѓето генерално даваат вакви изјави за да привлечат хуманитарна помош“, рече тој, додавајќи дека сакаат да ја подобрат финансиската состојба на овие луѓе.
По преземањето од страна на талибанците, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (IMF) и Федералните резерви на САД го прекинаа пристапот на Авганистан до меѓународните фондови.
Невработеноста, сиромаштијата и гладот го достигнаа нивото на аларм во Авганистан.