Sayed Khodaiberdi Sadat
15 Април 2021•Ажурирај: 15 Април 2021
КАБУЛ
Претседавачот на Националниот совет за помирување на Авганистан, Абдулах Абдулах, изјави дека повлекувањето на странските сили од неговата држава нема да значи банкрот на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абдулах во обраќањето на новинарите во главниот град Кабул изјави дека и по повлекувањето на странските трупи од земјата, меѓународната заедница ќе продолжи да помага на Авганистан.
Тој напомена дека повлекувањето на странските сили ќе биде извршено во согласност со Договорот од Доха, додавајќи дека постапката на повлекувањето сепак нема да значи банкрот на Авганистан.
„Очекуваме дека талибанците ќе се придржуваат до најголемите желби на авганистанскиот народ, а тоа е траен и достоинствен мир. Доколку мислат дека можат да победат со војна, се залажуваат“, изјави тој.
Тој порача дека постигнувањето мир е единствен пат да се стави крај на долгогодишната војна во Авганистан и ги повика талибанците да го намалат насилството во државата.
„Странските сили нема да бидат во нашата земја за околу четири месеци“, изјави Абдулах, и додаде дека сега треба да се постигне консензус за во иднина во нивната држава да нема војна и странски терористички борци.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера по состанокот со министрите за одбрана и надворешни работи на Советот на НАТО, изјави дека земјите членки се обединети во ставот повлекувањето на силите од Авганистан да започне од 1 мај.
„Денеска донесовме одлука за иднината на нашето присуство во Авганистан“, изјави Столтенберг, и додаде дека војниците на НАТО кои се во Авганистан 20 години, од таа земја ќе започнат да се повлекуваат од 1 мај.
Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави, исто така, дека американските војници во потполност ќе се повлечат од Авганистан до 11 септември 2021 година.
Бајден вчера во обраќањето во Белата куќа го претстави календарот на повлекување на околу 2.500 американски војници од Авганистан.
Тој потсети дека САД во 2001 година, на чело со тогашниот претседател Џорџ В. Буш, започнале да ги бомбардираат терористичките позиции во Авганистан, а дека таквата одлука е донесена по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.