Esra Taşkın,Feiza Ben Mohamed
11 Јуни 2022•Ажурирај: 12 Јуни 2022
ПАРИЗ (АА) - ЕСРА ТАШКИН / ФЕИЗА БЕН МОХАМЕД -
По снимката објавена вчера, Агенција Анадолија (АА) дојде до нова снимка од Мертер Кескин, по потекло Турчин, на која може да се видат моментите кога тој починува во притвор во Франција откако полицајците со врзани раце го притискаат со лицето на клупата и со притисокот врз телото му го оневозможиле дишењето.
На новите снимки до кои дојде АА се гледаат и моментите на приведувањето на Кескин во полициската станица, како и моментите кога полицајците му прават масажа на срцето откако забележале дека не реагира.
Во моментите кога Кескин го приведуваат во полициска станица може да се види дека рацете му се врзани зад грб и дека се движи прилично мирно.
На друга снимка, полицијата проверува дали Кескин, кој лежи неподвижен на клупата во притвор, дише, а потоа полицаец ја крева неговата рака и ја спушта.
По некое време, двајца полицајци го земаат Кескин, кој не се движи, и го легнуваат на земја, додека еден од полицајците ја соблекува кошулата на Кескин, го удира двапати по лицето за да ја провери неговата реакција, а потоа почнува да му прави масажа на срцето.
Според информациите добиени од изворите, полицијата започнала со реанимација околу две минути откако сфатила дека Кескин не дише.
Полицајците во своите изјави тврдеа дека Кескин не стоел мирно во полициската станица, туку дека постојано се движел.
- Скокнал низ прозорецот -
Во јануари 2021 година, француската полиција го привела 35-годишниот Кескин во градот Селестат, источна Франција, поради семејно насилство.
Кескин, кој се обидел да избега скокајќи низ прозорецот кога полицајците дошле во куќата, бил фатен повреден и приведен без да биде однесен во болница. Тој починал како последица на полициската интервенција.
АА вчера објави снимка од безбедносната камера на која се гледа како Кескин со рацете врзани одзади и со лицето надолу е ставен на клупа во притвор.
На снимката се гледа како полицаец го става Кескин со лицето кон подот, притискајќи го со лактот за да го спречи неговото движење, а слично постапуваат и другите полицајци во просторијата.
Потоа, полицајците околу 3 минути се обидуваат да му ги извадат лисиците на Кескин, по што сфаќаат дека имаат погрешен клуч. Друг полицаец го носи соодветниот клуч и успеваат да му ги извадат лисиците.
Кога сфаќаат дека Кескин, чие тело го притискаа неколку минути, не реагира, на снимката јасно се гледа како француските полицајци загрижено ги креваат и спуштаат неговите раце.
Но, Кескин лежи неподвижно на клупата. Набрзо пристигнува лекарска екипа која констатирала смрт на 13.1.2021 година во 5:00 часот.
- Обдукциски извештај -
Во извештајот од обдукцијата стои дека докторката од судска медицина напишала дека Кескин починал бидејќи останал без здив и дека на неговото тело немало траги дека се обидувал да се брани.
Освен тоа, во извештајот се наведува дека Кескин имал модринки на главата и вратот, како и на рацете, а се наведува дека жртвата починала како последица на срцев застој. Од друга страна, забележано е дека во неговата крв се пронајдени недозволени материи.
Во својата изјава за истражната Единица на националната полиција (IGPN), полицаец кој тој ден бил во полициската станица навел дека кај Кескин видел крв на крајот од усните кога бил донесен во полициската станица и дека на нозе стоел со помош на полицијата.
Друг полицаец во својот исказ наведе дека Кескин пред приведувањето рекол дека два пати почувствувал болка во срцето и дека од полицијата побарал чаша вода, но полицијата го одбила тоа.
Во изјавата на трет полицаец стои дека состојбата на Кескин била таква што изискувала да биде однесен во болница, но полицијата не го сторила тоа бидејќи „немало време“.
По полициската, обвинителството започна втора истрага.