Beril Çanakcı
21 Март 2025•Ажурирај: 24 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Социјалната мрежа X, во сопственост на американскиот милијардер Илон Маск, поднесе тужба против индиската Влада, обвинувајќи ја за незаконско блокирање на содржини преку масовен систем за цензура, објави Вашингтон пост, јавува Анадолу.
Во тужбата, која е поднесена овој месец во Високиот суд во Карнатака, се тврди дека индиските власти воспоставиле систем што им овозможува на државните агенции, официјалните лица и локалната полиција да издаваат наредби за масовно отстранување содржини.
X тврди дека таканаречениот „портал за цензура“ е спротивен на индискиот Устав и Законот за информатичка технологија.
„Ова ќе резултира со значителна цензура и незаконско блокирање на легални информации на платформата X, што ќе ѝ наштети на компанијата и ќе има негативно влијание врз нејзиниот бизнис“, се наведува во тужбата, според извештајот на весникот.
Правната битка доаѓа во време кога Маск настојува да ги прошири своите деловни интереси во Индија, а индискиот премиер Нарендра Моди се соочува со зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп во однос на трговијата и имиграциските политики.
Шашанк Реди, партнер во технолошката фирма Evam Law & Policy, за Вашингтон пост изјави дека спорот прераснал во пошироко прашање.
„Ова повеќе не е едноставно прашање за толкување на одреден закон. Станува збор за поголемо геополитичко прашање“, истакна тој.