Selen Temizer
22 Февруари 2018•Ажурирај: 22 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Во Источна Гута, којашто се наоѓа под блокада на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во главниот град Дамаск, се случува една од најголемите хуманитарни кризи на 21. век, пишува Anadolu Agency (AA).
Регионот од 104 километри квадратни во кој се вклучени подрачја и места од источниот дел на Дамаск, е изложен на најголемата катастрофа во граѓанската војна.

Бебињата и децата се најголеми жртви во Источна Гута, која е под интензивни воздушни и копнени напади на режимот, во која владее и глад.
Во бројни случаи кои ги сними АА, се забележува дека бебињата и децата се толку слаби што можат да им се избројат коските, но децата немаат друг излез освен тивко да ја чекаат смртта.
Во 10 точки, случувањата во Источна Гута се следни:
1. Каде се наоѓа Источна Гута, и кој живее таму?
Источна Гута се наоѓа на десет километри источно од центарот на Дамаск, главниот град на Сирија. Во Источна Гута живеат околу 400.000 цивили, од кои половина се деца. Воената опозиција го брани подрачјето од режимот.
2. Кој умира?
Во нападите на авионите на режимот и во спорадичните напади на руските авиони, умираат цивилите. Во последните три месеци загинаа над 700, а во последните три дена загинаа над 200 цивили.
3. Дали има деца и жени меѓу загинатите цивили?
Во последните 3 месеци убиени се 185 деца и 109 жени.
4. Како живее народот?
Народот веќе над пет години е под блокада. Околу една година не може да се доставува доволно количество храна и медицински средства во подрачјето. Бебињата, децата и болните умираат од неухранетост и поради недостиг од лекови.
5. Со кое оружје се убива народот?
Асадовиот режим убива со хемиско оружје, со барелни, вакуум, касетни бомби и бомби за пробивање на засолништа, како и со минофрлачи.
6. Колку пати е користено хемиско оружје во Источна Гута?
Од почетокот на војната, режимот во Источна Гута изврши 46 напади со хемиско оружје. Во масакрот извршен на 21 август 2013 година беа убиени над 1.400 цивили. Режимот оваа година во три наврати користеше хлорен гас.
7. Што е оправдувањето на режимот?
Режимот се крие зад изговорот „борба против тероризмот“, тврдејќи дека терористите ги користат цивилите како човечки штитови и со проектили го гаѓаат главниот град.
8. Зошто Источна Гута е важна за Асад?
Палатата на Асад е толку блиску до подрачјето што може да се слушне звукот на бомбите, и да се забележи чадот. Сака да стави крај на целиот отпор во главниот град.
9. Што бараат Обединетите нации (ОН)?
Големите земји во Советот за безбедност на ОН, не преземаат акции. Не се прави некој одреден чекор што ќе го присили режимот, освен некои изјави на претставници на ОН од пониско ниво.
10. Дали договорот во Астана ја вклучува Источна Гута?
Турција, Русија и Иран на 4 и 5 мај 2017 година ја прогласија Источна Гута за зона без судири. Но, Русија не ги спречи бројните прекршувања на примирјето од страна на режимот, чија земја-гарант е Русија.