Њу Делхи останува под смог и по експериментот за создавање облаци
- Индиските власти вчера спроведоа експеримент со вештачко предизвикување дожд, со цел да се намалат густата магла и високото ниво на штетни честички во воздухот.
СКОПЈЕ (АА) - И покрај експериментот со создавање облаци над смогот во Њу Делхи, загадувањето на воздухот во индиската престолнина сѐ уште е присутно, а проблемот со загадувањето станува сè поизразен со доаѓањето на зимата, јавува Анадолу.
Индиските власти вчера спроведоа експеримент со вештачко предизвикување дожд, со цел да се намалат густата магла и високото ниво на штетни честички во воздухот.
Во рамките на експериментот авион распрсна хемикалии во облаците за да предизвика врнежи што би ги „испрале“ загадувачите од атмосферата, соопштија официјални лица, додавајќи дека квалитетот на воздухот и натаму се наоѓа во категоријата „многу лош“.
Загадувањето во престолнината и околните региони се влошува веќе неколку дена, а употребата на пиротехника за време на хиндуистичкиот фестивал Дијали дополнително придонесе за густата магла.
Проблемот најчесто се зголемува во зимските месеци кога земјоделците во околните држави ги горат остатоците од жетвата, а индустриските и емисиите од термоцентралите ја задржуваат нечистотијата во воздухот.
Експертите за животна средина велат дека лошиот квалитет на воздухот во градот со над 16 милиони жители е резултат на комбинација од повеќе фактори, меѓу кои и метеоролошките услови што ја ограничуваат циркулацијата на воздухот.
Според системот за рано предупредување за квалитет на воздухот, што го управува федералната влада, нивото на загадување во наредните денови ќе остане во категоријата „многу лошо до лошо“.
Властите најавија дека новите експерименти со создавање облаци ќе продолжат до крајот на ноември.
