Холандија гласа за нов состав на Долниот дом на Парламентот: Се очекува тесна трка меѓу водечките партии
- Прашањето за миграцијата доминираше во изборната кампања, што гласачите го наведоа како главна грижа, зголемувајќи ја поддршката за крајната десница предводена од лидерот на Партијата за слобода, Герт Вилдерс.
БРИСЕЛ (АА) – Холандија денес гласа за нов состав на Долниот дом на Парламентот. На овие избори, според анкетите, ќе се води тесна трката меѓу водечките партии, јавува Анадолу.
Се очекува околу 13,5 милиони граѓани со право на глас да гласаат, а гласачките места ќе бидат отворени од 7:30 до 21:00 часот по локално време, објавија локалните медиуми.
Во неколку градови, меѓу кои Зволе, Арнем и Кастрикум, некои избирачки места се отворени уште на полноќ, овозможувајќи им на гласачите да гласаат на необични локации, како студентски кафулиња, музеи и општински центри.
Според најновите анкети, Партијата за слобода (PVV), Коалицијата на зелените и лабуристите (GL/PvdA) и либералните демократи Д66 се изедначени во трката, а Христијанско-демократскиот повик (CDA) и Народната партија за слобода и демократија (VVD) се веднаш зад нив.
Прашањето за миграцијата доминираше во изборната кампања, при што гласачите го наведоа како своја главна грижа, што ја зголеми поддршката за крајната десница предводена од лидерот на Партијата за слобода, Герт Вилдерс.
Истовремено, сите поголеми партии ветија построги правила за азил, во услови на криза со домувањето што многумина ја поврзуваат токму со миграцијата.
Вкупно 1.166 кандидати од 27 политички партии се натпреваруваат за 150 пратенички места во холандскиот Парламент. Ниедна партија, според прогнозите, нема да освои 76 места – доволно за самостојно формирање влада.
Првите резултати се очекуваат веднаш по затворањето на избирачките места.
Откако резултатите ќе бидат официјално потврдени, ќе започнат преговорите за коалиција. Партијата што ќе освои најмногу места прва ќе има можност да ги покани другите партии на разговори за формирање нова влада – процес што, според експертите, би можел да потрае неколку недели или месеци.
