Ivana Ramadanova
05 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина, во соработка со Град Скопје и општините во градот, денеска организираше забавно-едукативен настан со кој се вклучи во глобалното одбележување на 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот кој се одржа во Гратскиот парк во Скопје учество земаа околу 300 ученици од девет скопски основни училишта, кои во текот на учебната 2017/2018 година собраа најмногу пластични шишиња и ги предадоа за рециклирање на ПАКОМАК.
Тие преку игра, песна, едукација, еко-трикови денеска испратија порака дека се подготвени да го сменат своето однесување кон пластиката и со тоа да се грижат за животната средина, живиот свет и сопственото здравје.
Пред присутните се обрати заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, кој истакна дека годинешново одбележување на овој значаен еколошки ден е посветено на глобалните заложби за намалување на загадувањето предизвикано од пластика.
„Ние возрасните сме одгвоворни да ја направиме природата поубава за вас помладите. Но, во овој момент вие сте повеќе свесни и одговорни, со што придонесувате за почиста животна среднина“, истакна Макрадули.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, им порача на најмладите дека воздухот што го дишеме и водата се наше заедничко богатство, но и наша заедничка грижа и обврска.
„Секое дете и секој човек има право на чиста и здрава животна средина. Децениската негрижа кон средината доведе до уништување на заштитените подрачја, масовна сеча на дрвјата, енормно загаден воздух. Грижата за зачувување на животната средина не бара само финансиски средства и скапи технологии, таа во прв ред бара љубов, внимание и желба за зачувување на условите за живот кои природата ни ги подарила. На Скопје не му доликува да биде нагрден со диви депонии, расфрлан отпад, уништено зеленило и искршени клупи“, рече градоначалникот Шилегов.
Постојаниот претставник на УНДП (UNDP) во Македонија, Луиза Винтон, на Глобалното одбележување на 5 Јуни, Светскиот ден на животната средина, истакна дека за жал нашата планета е во ризик од големите количини пластика која се наоѓа во океаните, додавајќи дека е потребно што побрзо да се реши овој проблем.
„Јас сум сигурна дека секој од вас што е тука може да направи нешто за да се избори со овој проблем на загадувањето од пластика. Воедно, треба да ги поучите вашите родители дека повеќепати треба да ги употребуваат пластичните ќеси кога одат на пазарење или пак да ги користат еколошките торби со цел да се заштити средината“, порача Винтон.
Овој ден се одбележува во над 100 земји и вклучува милион жители од целиот свет. Одбележувањето на Светскиот ден на животната средина почна во 1972 година и прерасна во клучна алатка на ОН за инспирирање позитивна акција за заштита на животната средина.