Ömer Faruk Yıldız
05 Март 2021•Ажурирај: 06 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Платформата за социјални медиуми „Јутјуб“ отстрани одредени канали на војската во Мјанмар, каде што се случи воен удар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Активистите од Мјанмар во изјавата за дописникот на АА преку социјалните медиуми истакнаа дека нема пристап до каналите на „Јутјуб“ на телевизиските канали „Мјавади медиа“ (Myawaddy Media), „МВД Варајети“ (MWD Variety), МВД (MWD), блиски на Армијата и на МРТВ (MRTV), официјалниот телевизиски канал на Армијата во земјата.
Се забележува дека и веб-страницата на MРТВ, која претходно беше нападната од хакери кои се против пучот, исто така е недостапна.
Профилите на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, кои припаѓаат на Армијата на Мјанмар, исто така се затворени на 25 февруари.
Од друга страна, Амбасадата на Тајланд во Непидо започна летови за да го олесни враќањето на своите граѓани кои се во Мјанмар и сакаат да се вратат во Тајланд.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.