Vakkas Doğantekin
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Компанијата „Гугл“ (Google), како и „Јутјуб“ (Youtube), кој се наоѓа во нејзина сопственост, ќе платат рекордни 170 милиони долари во спогодбата поради наводите на Федералната комисија за трговија на Соединетите Американски Држави (САД) и јавниот обвинител во Њујорк дека „Јутјуб“ нелегално собира лични информации од децата без согласност на нивните родители, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во спогодбата стои „Гугл“ и „Јутјуб“ да платат 136 милиони долари на Федералната комисија за трговија на САД и 34 милиони на Канцеларијата на јавниот обвинител во Њујорк поради наводи за прекршување на Законот за заштита на приватноста на децата на интернет (COPPA).
Казната од 136 милиони американски долари досега е најголемата сума на Федералната комисија за трговија на САД во случајот со Законот за заштита на приватноста на децата на интернет, откако Конгресот го донесе овој закон во 1998 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на август изјави дека неговата администрација го следи „многу внимателно“ „Гугл“, обвинувајќи ја компанијата дека работи против неговата изборна кампања во 2016 година и кандидатурата за повторен избор во 2020 година.
„Гугл“ ги негира тврдењата на претседателот Трамп.