Almir Terzic
02 Април 2024•Ажурирај: 03 Април 2024
МАДРИД (АА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез најави дека неговата земја ќе ја признае Палестина до јули, известува Анадолу.
Израел ги критикува намерите на Шпанија, Ирска, Словенија и Малта во тој поглед.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој моментално е на блискоисточна турнеја, изјави дека Шпанија ќе ја признае независноста на Палестина.
За време на турнејата, Санчез ќе ги посети Јордан, Катар и Саудиска Арабија.
Како што пренесуваат шпанските медиуми, тој во Аман изјавил дека очекува смирување на ситуацијата во Газа до изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат во Европската Унија меѓу 6 и 9 јуни. Истовремено, тој ги поздрави дискусиите што се водат во Обединетите нации за решавање на кризата на Блискиот Исток.
Санчез додал дека очекува Шпанија до јули да ја признае независноста на Палестина. Тој смета дека во Европската Унија „ќе се акумулира критична маса, која ќе поттикне уште повеќе земји членки да го заземат истиот став“.
Премиерите на Словенија, Шпанија, Ирска и Малта на 22 март усвоија заедничка изјава на маргините од самитот на Европската Унија, во која изразија подготвеност да ја признаат Палестина кога ќе може да се направи тоа ефективно и кога околностите ќе бидат соодветни.
Санчез нагласил дека лидерите од различни делови на Европа и различни политички семејства се приклучиле на декларацијата и додал: „Покажавме дека сакаме да го направиме овој чекор, дека сакаме да го направиме тоа заедно и обединети.“
Во март, шпанскиот премиер, исто така, рече дека очекува признавањето на Палестина да се случи за време на неговиот четиригодишен мандат како премиер, што започна минатата година.
Израелското Министерство за надворешни работи одговори на намерата на четирите земји велејќи дека признавањето на палестинската држава ќе значи „наградување на тероризмот“ и само ќе ја зголеми регионалната нестабилност.
Од 1988 година, Палестина е признаена од 139 од 193 земји членки на Обединетите нации. Од ноември 2012 година има статус на набљудувач во Генералното собрание на ОН.