Şenhan Bolelli
11 Декември 2020•Ажурирај: 12 Декември 2020
МАДРИД
Три лица загинаа, а 23 се повредени во пожар што избувна во зграда во која живееја мигранти во градот Бадалона во Каталонија, источна Шпанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Автономната администрација на Каталонија соопшти дека од пожарот кој избувнал синоќа и бргу се проширил, пронајдени се телата на 3 лица.
Во соопштението се наведува дека противпожарните и спасувачките екипи, чии операции продолжуваат во опожарената зграда, спасиле 23 повредени. Меѓу повредените, 7 лица се префрлени во болница, од кои тројца се во тешка состојба.
Покрај тоа, за споменатата зграда се вели дека била напуштена, а во неа веќе 10 години живееле мигранти.
Шпанските медиуми информираа дека повеќето мигранти коишто се сместени во несоодветни услови, живеат илегално во земјата.
Според очевидци, за време на пожарот, некои од мигрантите, за да се спасат од пожарот скокале од прозорците и од покривот.
Од друга страна, Пере Арагонес, претседателот на автономната Влада на Каталонија, кој замина на местото на несреќата, изјави дека сите мигранти погодени од пожарот се однесени во Центарот за итно социјално сместување, каде што им биле задоволени нивните основни потреби.
Мигрант од Африка изјави дека е можно пожарот да го предизвикала запалена свеќа, објаснувајќи дека во зградата која била без електрична енергија имало многу стар мебел и кревети.
Во тек е истрага за пожарот чија причина сè уште не е позната.