Sibel Uğurlu
03 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
АНКАРА/ДОХА (AA) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека на Сомалија ѝ е потребна помошта на Турција за да ја сочува политичката стабилност, да го реорганизира системот за национална безбедност и да воспостави амбиент погоден за економски развој, јавува Anadolu Agency (AA).
„Должост на муслиманската заедница е да помогне во решавање на кризата во Сомалија“, рече Чавушоглу на седницата на Контакт-групата за Сомалија, која е формирана под покровителство на Организацијата за исламска соработка (ОИС).
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, на состанокот во Доха исто така рече дека јакнењето на соработката со другите држави е основа за јакнење на позицијата на Сомалија на меѓународната политичка сцена.
Тој потсети и дека Турција учествувала и во претходната меѓународна интервенција за поддршка на Сомалија.
„Се нудиме да ја преземеме улогата на медијатор кој би ги олеснувал преговорите помеѓу Сомалија и Сомалиленд. Пресвртница за иднината на Сомалија се изборите кои се планирани за наредната година“, рече Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во Доха се состана и со катарскиот емир, Шеик Тамим бин Хамид ал Тани.
По состанокот, Чавушоглу на Твитер му се заблагодари на Катар на поддршката за турската воена операција „Извор на мирот“, што е започната на северот на Сирија.