Anees Suheil Barghouti
03 Мај 2018•Ажурирај: 04 Мај 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Администрацијата на Соединетите Американски Држави (САД) смета оти сите земји на Блискиот Исток треба да го признаат Израел како држава пред да побараат од него да се откаже од своето нуклеарно оружје, објавија израелските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Администрацијата на Трамп зазеде став дека Израел не треба да биде обврзан да разговара за откажување од нуклеарното оружје, пред сите држави на Блискиот Исток да го признаат неговото право за постоење“, објави израелскиот дневен весник „Хаарец“.
Прелиминарните состаноци во Женева за големата Конференција за неширење на нуклеарното оружје и за разоружување се во тек, а Конференцијата треба да биде одржана во 2020 година.
„Израел не е потписник на договорот за нуклеарна непролиферација, но Египет активно бара усвојување резолуции во врска со ова прашање на разни меѓународни форуми“, пишува „Хаарец“.
Во 2010 година, потписниците на договорот, и покрај жестоката израелска опозиција, усвоија резолуција повикувајќи се на меѓународна Конференција посветена на претворање на Блискиот Исток во зона без нуклеарна енергија.
Финска требаше да биде домаќин и организатор на настанот, но финските посредници не беа во можност да формираат консензус меѓу потенцијалните учесници во врска со мандатот на конференцијата.
Во 2015 година, САД ги прекршија египетските предлози за присилување на таква конференција за Израел, при што администрацијата на Обама го зазеде ставот дека разоружувањето може да се спроведе само преку дијалог со Израел.
Според „Хаарец“, израелскиот став е дека прашањето за нуклеарното оружје не може да се оддели од безбедносните прашања во регионот или од воената состојба што постои меѓу Израел и некои други земји.
Според Вашингтонскиот институт за наука и меѓународна безбедност (ISIS), Израел има произведено 115 нуклеарни боеви глави откако започнал да ги произведува во 1963 година.
Вистинската бројка на израелското нуклеарно оружје останува внимателно чувана тајна. Според други истражувања, бројката изнесува околу 80 распоредливи боеви глави.