Safvan Allahverdi
17 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американското списание „Форбс“ објави напис во врска со влијанието на престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), принцот Мухамед бин Зајед ел Најхјан, на Средниот Исток, со што привлече внимание, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во написот привлекува внимание тоа што без разлика што има силно влијание на Средниот Исток, МБЗ е помалку познат во споредба со саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман (МБС), наведувајќи зачудувачки детали за плановите на МБЗ на Средниот Исток.
Според написот, МБЗ од страна на некои високи функционери на администрацијата на поранешниот американски претседател, Барак Обама, е опишан како „ризичен и неискрен“, додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп го третира на толерантен начин.
- „МБЗ е дел од проблемот“
Меѓу другото, дел од написот се и извештаите на некои организации за човекови права и изјавите на некои странски дипломати во врска со МБЗ, истакнувајќи дека со апсолутистичкиот став, МБЗ предизвикал конфликти во Јемен и Либија, чии резултати не може да се контролираат.
Во написот се вели дека МБЗ со политиките што ги спроведува „не нуди решение за нестабилноста во Ормутскиот Теснец и на Средниот Исток“ така како што се претставува, туку напротив „е дел од проблемот“.
„МБЗ е диктатор, кој во име на борбата против исламскиот радикализам ги користи воените и финансиските извори на земјата за да ги уништи структурите со демократски тенденции во регионот“, се додава во написот.
- „Прогласи војна против Владата на Триполи поддржана од ОН“
Од друга страна, написот открива дека МБЗ, кој соработува со Саудиска Арабија, играл улога во државниот удар што се случи во Египет, чиј претседател, генералот Абдел Фатах ел Сиси, е „најрепресивниот лидер во историјата на Египет“, а исто така вооружувајќи ги илегалните вооружени сили во источниот дел на Либија и нивниот лидер, Калифа Хафтар, прогласил војна против Владата на Триполи поддржана од Обединетите нации (ОН).
Се нагласува дека МБЗ го намалил присуството на неговата земја во Јемен во последниот период, привлекувајќи внимание дека во позадината, поради воената и финансиската поддршка за платените војници и сепаратистичките групи во Јемен, играл главна улога во хуманитарните проблеми како тортури, цивилни загуби и масивните миграции во регионот.
Во написот се наведува дека флексибилниот став и продажбата на оружје во вредност од 27 милијарди долари на американската администрација ја отворило вратата за авантуристичкиот и невнимателниот став кој го покажуваат ОАЕ во име на борбата против тероризмот во регионот. Исто така, се тврди дека политичката и воената улога на ОАЕ во регионот предизвикува уништување и нестабилност.
- Притисок врз дисидентите
Меѓу другото, се истакнува дека МБЗ преку една сложена набљудувачка мрежа во земјата ги утврдува имињата на дисидентите и ги апси, а во исто време одблизу ги следи државјаните на САД, Велика Британија и другите земји.
Во написот се алудира на извештаите на организацијата „Хјуман рајтс воч“ во врска со ова прашање.
„Покрај арбитрарните приведувања на дисидентите во земјата, ОАЕ одвреме-навреме врши активности на киднапирање и е дел од нападите на коалицијата под водство на Саудиска Арабија, која врши воено злосторство во Јемен. Администрацијата на ОАЕ се обвинува и за вршење тортура врз затворениците и за злоупотреба на работниците мигранти во земјата“, се нагласува во написот.
- Лобирање во полза на ОАЕ во САД
Во написот, исто така, се зборува и за причината на тоа што активностите на ОАЕ и на МБЗ за кои станува збор, не се доволно критикувани во Вашингтон, и се привлекува вниманието дека ОАЕ само во 2018 година платиле 20 милиони долари за 20 компании за лобирање со седиште во Вашингтон.
Се наведува дека овие компании реализираат околу 3.000 активности за лобирање во полза на ОАЕ во американскиот Конгрес, тинк-тенковите и во американските медиуми, и дека е извршена донација од 600.000 долари за политичарите во САД.