Ahmet Gençtürk
12 Февруари 2024•Ажурирај: 13 Февруари 2024
АТИНА (АА) - Потребно е да се изврши притисок врз Израел да не го напаѓа градот Рафа, дом на 1,7 милиони Палестинци, апелираше денес високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жосеп Борел, известува Анадолу.
„Дури и САД, најсилниот поддржувач на Израел, и претседателот (Џо) Бајден, сметаат дека оваа акција е несразмерна, дека бројката на убиени цивили е неподнослива и го предупреди Израел да не продолжува по тој пат“, рече Борел и додаде:
„Доколку верувате дека бројката на мртви е преголема, можеби може да сторите нешто по тоа прашање.“
Борел нагласи дека ЕУ не му дава оружје на Израел, за разлика од САД.
„Треба да се стори повеќе од изразување загриженост“, рече Борел.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа се интерно раселени и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 28.176 Палестинци, од кои 12.000 деца и 8.190 жени, а ранети се повеќе од 67.784 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.