Студија: Речиси 79 отсто од академскиот кадар и студентите се соочуваат со расизам на австралиските универзитети
- Откриено е дека 14,9 отсто од анкетираните лица доживеале директен расизам, а едно од пет лица од академскиот кадар изјавило дека било директна цел на напад
ИСТАНБУЛ (АА) – Речиси 79 отсто од вработените и студентите на австралиските универзитети се соочуваат со индиректен расизам, покажува истражување кое опфати повеќе од 75.000 учесници од 42 институции, јавува Анадолу.
Извештајот „Почитта на универзитетите: Истражување за антисемитизмот, исламофобијата, расизмот и искуството на автохтоното население“ е најголем од ваков вид во Австралија и дава најдетален преглед досега за расната дискриминација во високото образование.
Откриено е дека 14,9 отсто од анкетираните лица доживеале директен расизам, а едно од пет лица од академскиот кадар изјавило дека било директна цел на напад.
Странските студенти се соочиле со највисоки стапки на расизам, при што тројца од четворица пријавиле индиректен расизам.
Истражувањето, исто така, бележи пораст во расистичките инциденти во периоди на општествени тензии, вклучително и пандемијата на КОВИД-19 и војната на Израел во Појасот Газа. Студентите од кинеско потекло пријавиле зголемено малтретирање за време на КОВИД-19.
Еден вработен со потекло од Блискиот Исток, цитиран во извештајот, вели: „По 15-годишна работа на различни универзитети, никогаш не сум бил сведок на полоша состојба... стравот од искажување ставови ако си од Блискиот Исток е огромен.”
Еден еврејски студент, исто така, цитиран во извештајот, вели: „Претходно сум се соочувал со антисемитизам, но никогаш не сум се плашел да бидам Евреин. На универзитетот често чувствувам потреба да ја кријам мојата религија.“
– Албаниз под критики на јавноста -
Осврнувајќи се на студијата, сенаторката Мехрин Фаруки, заменик-лидерката на австралиската Партија на Зелените и говорник против расизмот, рече дека извештајот открива системски проблем.
„Извештајот можеби ќе биде шок за оние што не се соочиле со расизам, но за нас останатите, тоа е нешто вообичаено”, изјави Фаруки, која има потекло од Пакистан.
„Откриваме застрашувачка вистина: расизмот на нашите универзитети не е исклучок, туку правило и им нанесува штета на студентите и академскиот кадар од различни расни и религиозни групи”, додаде таа.
Фаруки ја повика австралиската Влада да усвои реформи предложени во извештајот и да го укине она што таа го нарече „лажни еднострани извештаи за антисемитизам“.
Сенаторката од партијата на Зелените, исто така, упати критики кон Владата за начинот на кој се справува со антипалестинскиот антагонизам, додавајќи: „Владата на Албаниз во последните две години од геноцидот на Израел во Газа ја игнорираше и минимизираше појавата на антипалестински антагонизам, но со оглед на тоа што палестинските учесници во извештајот пријавуваат највисоки нивоа на расизам, Владата повеќе не може да избегнува да ја прифати оваа реалност.“
- Темелите на расизмот -
Извештајот укажува на историските и структурните темели на расизмот. Повеќето универзитети се основани во колонијални времиња, некои пред укинувањето на Политиката за Бела Австралија, и не биле наменети за студенти од автохтоното население или оние надвор од доминантната колонијална култура.
Меѓу испитаниците од автохтоното население, 81% пријавиле дека се соочиле со расизам, со слично висок процент, пријавен и од африканските, азиските, муслиманските, еврејските, палестинските, блискоисточните, маорските и пацифичките заедници.
Комесарот за борба против расната дискриминација, Гиридхаран Сивараман, изјави дека наодите покажуваат дека расизмот е вграден не само во меѓучовечките односи туку и во управувањето со универзитетите, политиките и наставните програми.
Извештајот опфаќа 47 препораки насочени кон реформи, меѓу кои и антирасизмот на национално ниво, инклузивното образование, побезбедните кампуси, разновидно раководство и цврсти механизми за жалби и поплаки.
Универзитетите се обиделе да ја решат дискриминацијата преку иницијативи за различност и инклузија, но истражувањето откри дека тие напори биле нерамномерни, фрагментирани и често реактивни, со ниско ниво на доверба во процесите за поднесување поплаки.
Дури 6 отсто од лицата што се соочиле со директен расизам, поднеле поплака, а повеќето од нив биле незадоволни од исходот.
Студијата е објавена во период на зголемено национално внимание кон расните тензии, вклучително и инциденти, како нападот на плажата Бонди минатата година, во кој загинаа 15 лица, а десетици беа повредени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
