свет

Иран и САД ја завршија втората рунда индиректни нуклеарни преговори во Женева

- Двете страни разменија забелешки за нуклеарните прашања преку оманските медијатори, со учество на експерти за нуклеарни, правни и економски прашања

Syed Zafar Mahdi  | 17.02.2026 - Обновена : 17.02.2026
 Иран и САД ја завршија втората рунда индиректни нуклеарни преговори во Женева

ТЕХЕРАН (АА) - Заврши втората рунда индиректни преговори за иранската нуклеарна програма помеѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) во Женева, објави иранската државна телевизија, пренесува Анадолу.

Двете делегации го напуштија местото на преговори, амбасадата на Оман во Женева, по индиректните преговори што траеја околу четири часа.

Според јавувањата, двете страни размениле забелешки за нуклеарните прашања преку оманските медијатори, со учество на експерти за нуклеарни, правни и економски прашања.

Оваа рунда преговори, која започна околу 10 часот наутро по женевско време, првенствено се фокусираше на техничките аспекти од преговорите.

Иранската делегација ја предводеше министерот за надворешни работи Абас Арагчи, а американската страна ја предводеа специјалниот пратеник Стив Виткоф и советникот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Двете делегации одржаа одделни состаноци со министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди, во амбасадата на Оман, пред да разменат забелешки преку медијаторите.

Првата рунда преговори се одржа во Мускат претходно овој месец, повеќе од осум месеци откако дипломатијата беше прекината поради војната меѓу Иран и Израел минатиот јуни.

Извори велат дека за време на оваа рунда, двете страни презентирале практични предлози за технички прашања поврзани со нуклеарната програма на Иран, при што Техеран инсистирал на укинување на санкциите.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, исто така, потврди дека за време на преговорите денес било дискутирано за ублажување на санкциите.

Сепак, одредени информации сугерираат дека предлозите што ги понудил Иран можно е да не бидат прифатливи за американската страна.

Двете делегации ќе се вратат во своите земји и ќе се состанат повторно на друг датум.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın