Hakan Çopur
02 Февруари 2018•Ажурирај: 03 Февруари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот амбасадор во Вашингтон, Сердар Килич, во изјава за американските медиуми истакна дека да се соработува со една терористичка организација за да се води борба против друга терористичка организација е погрешен потег, и рече дека ова е грешката што администрацијата на САД ја прави во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Килич беше гостин во емисијата „News Hour“ која се емитува на американскиот ТВ-канал, „PBS“, каде што нагласи дека Турција страдала многу од тероризмот на ПКК, и дека не сака повторно да доживее слично сценарио во блиска иднина, што може да се случи преку закана во северниот дел на Сирија. Тој додаде дека во овој случај, во прашање е граничната и националната безбедност на Турција.
- ЈПГ е под директна контрола на ПКК -
Килич се осврна на тоа зошто Турција нема да дозволи да се формира структура на ПЈД во северниот дел на Сирија.
„ЈПГ/ПЈД е директен огранок на ПКК. ЈПГ е под директна контрола на ПКК. Нивните команданти доаѓаат од планината Кандил, која е база на ПКК во северниот дел на Ирак“, рече тој.
Килич потсети дека на седница на американскиот Конгрес во 2016 година, републиканскиот сенатор, Линдзи Греам, го прашал тогашниот министер за одбрана, Еш Картер, дали постои директна врска меѓу овие две групи, и дека Картер признал дека постои врска.
- САД можеа изберат да работат заедно со Турција -
Амбасадорот Килич вели дека да се соработува со една терористичка организација додека се води борба против друга терористичка организација, е многу погрешна стратегија.
„Ова е грешката што админстрацијата на САД ја прави во Сирија. Велат дека Рака е ослободена од ДЕАШ. Градот таму премина од една терористичка организација во друга. Тоа се случи. Турција ја поседува втората најмоќна војска во НАТО, и САД можеа да изберат да работат заедно со Турција (во Сирија)“, нагласи турскиот амбасадор во САД.
Во врска со прашањето зошто на САД толку им е важна борбата против ДЕАШ, Килич рече: „САД се справи со симптомите на болеста, а не со самата болест. ДЕАШ е еден сипмтом. Сè додека продолжуваме да спроведуваме исти тактики и стратегии, ќе се соочиме со слични закани“.
- Работите нема да бидат доведени до таа точка -
Во врска со прашањето на спикерот околу можноста за соочување на турските и американските војници во можната операција „Мунбич“, амбасадорот Килич истакна:
„Ние долго време сме сојузници и јас сум убеден дека работите нема да бидат доведени до таа точка. Но, за да бидеме сигурни во тоа, САД треба да направат некои специфични чекори. САД треба да стават крај на поддршката за терористичката организација (ПЈД/ПКК), за да оваа организација не претставува егзистенцијална закана за безбедноста и стабилноста на Турција. Вчера имаше лансирана ракета во Хатај, имаше загинати и повредени цивили. Убеден сум дека повеќето од ова оружје е обезбедено од страна на САД“.
„Како можете да гарантирате дека оружјето што им ги дадовте на ЈПГ/ПЈД за војување против ДЕАШ нема да биде користено против Турција, против цивили и против турските безбедносни сили? Всушност, и тие се свесни дека навистина нема разлика меѓу ЈПД/ПЈД и ПКК. Но, ние сме моќен сојузник, и се надевам дека ќе се справиме со тоа“, истакна амбасадорот на Турција во Вашингтон, Сердар Килич, во емисијата „News Hour“ која се емитува на американскиот ТВ-канал, „PBS“.