Sibel Vezaj
27 Јули 2016•Ажурирај: 28 Јули 2016
ПРИШТИНА (АА) - Турската амбасадорка во Косово, Кивилџим Килич, реагирајќи против обидот за државен удар во Турција, рече дека косовските власти мораат да разберат дека терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот, е многу опасна и за нивната држава.
Во интервју за Anadolu Agency (АА), турската амбасадорка во Косово, Килич, зборуваше за неуспешниот обид за државен удар на 15 јули, за актуелната ситуација, како и за ризикот кој е закана за земјите од светот каде што терористичката организација ФЕТО ги проширила своите активности.
Амбасадорката Килич, на почетокот од својот говор рече дека оние што го извршија ова дело со користење на тенкови, хеликоптери и државни оружја, средства кои постојат за одбрана на народот од непријатели, се нелојални и големи предавници. Таа додаде дека тие се само група која беше предводена од ФЕТО, кои според неа, „го дале умот под наем“, и дека тие не треба да се генерализираат со Турските вооружени сили.
Амбасадорката истакна дека Турција сѐ уште се соочува со терористички групи, како што се ПКК и ДАЕШ, и дека светите војници на вооружените сили интензивно се борат против тероризмот. Таа рече дека турските војници исто така учествуваат во различни мисии за заштита на мирот во најразлични земји во светот, како што се Авганистан, Косово и во Босна и Херцеговина, и додаде дека може да се пофали со вооружените сили на турската држава.
„Овој обид за државен удар беше спроведен од страна на група која ја гледаме со униформи на вооружените сили, но кои се директно поврзани со терористичката организација ФЕТО, чии лидер е Фетулах Ѓулен. Фала му на Бога, овој обид беше спречен од волјата на луѓето и од солидарноста на сите политички партии и медиуми, каде што првично треба да се спомене народот кој по повикот на претседателот излезе на улиците, пред тенковите и, преземајќи ги сите ризици, остана на страната на демократијата и нивната иднина“, рече амбасадорката Килич.
Килич истакна дека членовите на оваа опасна организација навлегле во многу институции во земјата. Таа посочи дека во моментов турската држава се обидува да ги открие сите членови на терористичка организација ФЕТО и да ги прочисти локалните институции за да им овозможи на луѓето да живеат во земја каде што владее солидарноста.
Истакнувајќи дека ништо не може да биде поголемо од волјата на народот, амбасадорката нагласи дека народот не носеше пушки и оружја, но ја имаше моќта на верата и цврстата волја за да ја брани демократијата.
Амбасадорката изјави дека овој настан покажа колку крвава може да биде терористичката организација ФЕТО и додаде дека сите пријатели и сојузници на Турција треба да бидат свесни за опасноста од оваа организација.
Истакнувајќи дека последниве настани во Турција не се доживуваат ни во војни, таа рече дека по овој случај, сите видоа што може организацијата да му направи на својот невин народ: без никаква причина и без милост може да ги насочи оружјата кон луѓето и да ги убие, како и да го бомбардира Собранието и Претседателската палата.
„Оваа организација е активна во целиот свет. Разговаравме околу ова со нашите сојузници и пријатели, бидејќи обидот за државен удар не беше удар само за Турција, туку за целиот демократски свет. Ова е напад против сите влади, парламенти и претставници на народот избрани на демократски начин. Не треба да го гледаме само како специфичен напад врз Турција. Оваа организација е активна преку голем број организации во целиот свет. Ги повикуваме пријателските земји веќе да почнат да се грижат за присуството на една ваква опасна организација на своите територии“, рече Килич.
Истакнувајќи дека терористичката организација ФЕТО е во состојба да стори сѐ за да ги постигне своите цели и дека тоа го покажале со нападите врз својот народ, Килич додаде дека организацијата е исто така активна на Балканот и во Косово. Таа нагласи дека во овие мрачни денови, Турција сака да ги има во близина своите пријатели.
„Пријателите во овие мрачни денови треба да покажат дека стојат еден до друг. Ние го очекуваме ова, и тоа не само со зборови, туку со дела и со став. Како што реков, тие се активни на Балканот и во Косово. Како и до сите пријателски земји, апелирам и до сите авторитети на Косово да сфатат колкава опасност претставува оваа организација за нивната земја. Го изразуваме нашето очекување дека тие нема да ги игнорираат институциите што дејствуваат како продолжение на оваа терористичка организација“, рече Килич.
Амбасадорот Килич рече дека Турција има многу добри односи со Косово, како во областа на економијата, така и во културата. Таа истакна дека Турција секогаш ќе го поддржи процесот на интеграцијата на Косово во ЕУ. Килич нагласи дека за да се овозможи забрзување на процесот на визната либерализација, Турција обезбедила побрзо потпишување на договорот за реадмисија, кој е еден од критериумите на овој процес.
На крајот, амбасадорката Килич посочи дека во Турција во моментов сѐ се вратило во нормален живот и дека сите оние што сакаат да патуваат во Турција, како за туристички посети, така и заради трговските односи, можат да го сторат тоа без проблем. Таа истакна дека 3-месечната вонредна состојба се однесува само на забрзувањето и зголемувањето на ефикасноста во процесот на отстранување на членовите на терористичката организација ФЕТО од државните институции на Турција.