свет

„Северна Кореја би можела да тестира уште една интерконтинентална балистичка ракета при посетата на Бајден“

Предупредувањето на јапонскиот министер за одбрана доаѓа откако САД изразија слична загриженост пред посетата на Сеул и Токио од страна на Бајден овој викенд

Riyaz Khaliq Khaliq  | 20.05.2022 - Обновена : 20.05.2022
„Северна Кореја би можела да тестира уште една интерконтинентална балистичка ракета при посетата на Бајден“

ИСТАНБУЛ (АА) - Северна Кореја би можела да тестира уште една интерконтинентална балистичка ракета во наредните денови, предупреди денеска јапонскиот министер за одбрана, пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Јужна Кореја и Јапонија овој викенд.

„Постои можност Северна Кореја да преземе дополнителни провокативни дејствија, вклучително и лансирање ракета со долг дострел“, им рече Нобуо Киши на новинарите, според „Кјодо њуз“.

Како дел од неговото прво претседателско патување во Азија, Бајден треба да пристигне во Сеул денеска, а в недела во Јапонија.

Пјонгјанг спроведе лансирање на интерконтинентална балистоичка ракета во март, прво лансирање од ноември 2017 година, предизвикувајќи осуда од Вашингтон и неколку негови сојузници.

Советникот за националната безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно оваа недела изјави дека американското разузнавање верува дека постои вистинска можност за уште еден таков тест „во деновите пред, во текот на или по“ посетата на Бајден.

„Може да вклучува тестирање ракета со долг дострел или нуклеарно тестирање или искрено и двете“, рече тој на вчерашниот брифинг.

Коментирајќи ја програмата за нуклеарно оружје на Пјонгјанг, јапонскиот министер за одбрана рече: „Намерата на Северна Кореја да ја продолжи својата програма за развој на оружје со грбот свртен кон меѓународната заедница е јасна и апсолутно неприфатлива.“

Нобуо Киши додаде дека Северна Кореја „може да ги заврши подготовките за нејзиниот седми нуклеарен тест“, додавајќи дека Токио и Вашингтон „ќе работат заедно... за да соберат информации и да ја следат ситуацијата“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.