Şerife Çetin
01 Ноември 2023•Ажурирај: 02 Ноември 2023
ЊУЈОРК (АА) - Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за бегалци, Филипо Гранди, изјави дека Советот за безбедност на ОН треба да ги надмине своите разлики и да се договори за хуманитарен прекин на огнот во Газа, додавајќи дека светот чека овој орган на ОН да ги преземе потребните мерки, јавува Анадолу.
Гранди имаше свое излагаше за бегалците на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Ресорниот комесар на ОН рече дека во моментов во светот има 114 милиони бегалци и раселени лица, истакнувајќи дека тоа е важен показател за нередите во светот.
Гранди наведе дека присилното раселување е резултат на неодржувањето на безбедноста и мирот.
„Настаните во последните три недели покажуваат дека непочитувањето на основните правила на војување и меѓународното хуманитарно право веќе не е исклучок, туку општо однесување“, рече Гранди, истакнувајќи дека цивилите се убиени во невиден број.
Тој рече дека повеќе од 2 милиони жители на Газа, од кои половината се деца, живеат во вистински пекол на земјата.
„Хуманитарниот прекин на огнот барем ќе ја запре оваа спирала на смртта. Се надевам дека ќе го искористите својот авторитет да го постигнете тоа надминувајќи ги разликите. Светот чека да преземете акција“, порача Гранди.
Наведувајќи дека израелско-палестинското прашање во повеќе наврати е свесно запоставено, Гранди рече дека одлуките на 15-члениот Совет за безбедност на ОН влијаат врз сѐ.
„Одлуките што ќе ги донесете или нема да ги донесете, ќе влијаат на сите, вклучувајќи ги и идните генерации. Поради вашата поделеност или рамнодушност, ќе дозволите војните да продолжат. Сакате ли? Или ќе го преземете неопходниот и храбар чекор и ќе се вратите од карпата пред понорот?“, рече Гранди.