Bayram Altuğ
12 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
ЖЕНЕВА
Канцеларијата на Филипо Гранди, високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, објави писмено соопштение во кое се наведува дека комесарот Гранди бил во тридневна посета на Република Турција и се упатуваат пофалби за одлучноста и преданоста на Турција во настојувањето да обезбеди заштита за сите луѓе на кои им е потребна помош. Гранди порача дека Турција е земја пример за целиот свет, известува Агенција Анадолија (АА).
УНХЦР соопшти дека високиот комесар во текот на посетата на Турција се сретнал и со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и со турските министри за внатрешни и надворешни работи, при што на претседателот Ердоган му се заблагодарил за осигурувањето на заштитата на сите оние на кои таа им е потребна.
Во рамките на повеќедневната посета на Турција, шефот на УНХЦР, Гранди, ги посети Анкара и Шанлиурфа и одржа прес-конференција во Газинатеп, на која посочи дека Турција згрижува околу 4 милиони бегалци, од кои 3,7 милиони се бегалци од Сирија, земја во која владее граѓанска војна, и 330 бегалци од други земји, претежно од Авганистан.
Гранди оцени дека политиката на Турција кон бегалците е исклучително позитивна и истакна дека притоа на бегалците им е обезбеден пристап во образованието, здравството и социјалната заштита.
„Турција е пример за целиот свет и не само затоа што и понатаму згрижува и штити милиони бегалци, туку и поради начинот на кој го прави тоа“, се наведува во соопштението на УНХЦР.
Комесарот Гранди ја повика меѓународната заедница, земјите и меѓународните организации да им помогнат на бегалците и на Турција и нејзиниот народ, кои великодушно ги згрижуваат бегалците.
Потсетувајќи дека бегалците во Турција имаат легални можности за вработување и пристап до национални здравствени услуги, вклучително и тестирање и вакцинација против Ковид-19, Гранди порача: „Донаторите (земјите донатори) исто така треба да направат исчекор и да им помогнат не само на бегалците, туку и на турскиот народ кој великодушно е домаќин на бегалците.“