Ömer Faruk Yıldız
29 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Премиерот на Малезија, Махатир Мухамед, изјави дека Израел е земја која во потполност заслужува да биде осудувана, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на Малезија забрани доаѓање на спортистите од Израел на Светското првенство во пливање за параолимпијци. Вчера Меѓународниот параолимписки комитет на седницата во Лондон ѝ ја одзеде на Малезија улогата на организатор на натпреварот, кој би требало да биде одржан во јули.
Шефот на малезиската Влада, Махатир, на сопствениот блог објави текст под наслов „Геноцидна држава“, кој е своевиден одговор на критичарите на неговата одлука за забрана на учество на израелските спортисти на планираниот натпревар.
„Израел е основан на дел од палестинската земја без одржување на референдум или плебисцит. Палестинците се протерани од своите куќи и земји и тоа без никаква отштета“, потсети Махатир.
Малезискиот премиер Махатир понатаму напиша дека целиот свет сведочи на израелското обесправување на Палестинците, но дека најголемите заговорници на владеењето на правото не се осмелуваат да го критикуваат Израел и му даваат привилегии.
„Секој кој го критикува Израел ќе биде прогласен за непријател на Евреите. Малезија не е антисемитска држава. Арапите се исто така од семитско потекло. Имаме право да ги критикуваме и осудуваме нехуманите, неморалните и нелегалните практики“, порали Махатир.
Махатир во текстот исто така потсети дека властите на САД забранија влез на државјаните на пет муслимански земји, а дека Унгарија, Полска и Чешка забранија прием на муслиманските мигранти.
„И ние имаме право да не дозволуваме влез на Израелците. Израел е држава која секако заслужува да биде осудувана. Свесни сме дека Израел има голема поддршка во светот и ние можеме само да не ја признаеме оваа земја. За светот кој нѐ осудува поради забраната на влез на Израел, со право велиме дека е дволичен“, порача Махатир.
Паралелно со тоа, малезискиот премиер Махатир вчера во Куала Лумпур изјави дека Меѓународниот параолимписки комитет има право да ѝ ја одземе на Малезија улогата на земја домаќин на натпреварот, но дека тоа не е никаква загуба за таа земја.
Тој порача дека Малезија ќе организира други спортски настани.