14 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Колку што технологијата зазема сѐ поголема улога во нашите животи, толку и правењето селфи сѐ повеќе се смета за метод на изразување на себеси - иако потрагата за совршена фотографија за многумина е фатална.
„Смртните случаи поврзани со селфи - понекогаш наречени „самоубиства со селфи“ (selficides) или „убиства со селфи“ (killfies) -- однеле вкупно 259 животи низ целиот свет во периодот од 2011 до 2017 година“, се вели во извештајот објавен во Списанието за примарна медицина и семејна грижа.
„Жално е што многу луѓе ги загубиле своите животи само за да направат фотографија“, рече за Anadolu Agency (АА) Дениз Унај, специјалист за социјални медиуми.
Иако жените имаат тенденција за правење на повеќе фотографии, извештајот покажува дека мажите сочинуваат околу три четртини од смртните случаи поврзани со правење селфи фотографии, бидеjќи ризикуваат повеќе при самиот чин.
Во однос на високата стапка на смртни случаи кај машката популација, тој рече: „Чувствата на храброст, слобода, моќ и почитување излегуваат на површина кај мажите, кои се и својствени за нив.“
Унај додаде дека стремежот кон восхит и почитување ги прави мажите да бидат особени смели.
Нагласувајќи го бројот на „самоубиства со селфи“, којшто брзо се зголемува во последните години, рече дека луѓето што бараат одобрување на социјалните медиуми понекогаш се подложни на невнимателно однесување.
Тој нагласи дека добивањето „лајкови“ и позитивни коментари на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Пинтерест“ честопати ги мотивирало луѓето да објавуваат уникатни селфија.
- Селфи како алатка за создавање личен бренд -
„Селфи - портретната фотографија од паметен телефон, стана алатка за создавање на личен бренд“, изјави Унај.
„Луѓето се обидуваат да создадат нивни личен тренд со споделување на селфи фотографии на социјалните медиуми и некогаш можат да сторат сѐ за да го одржат нивниот бренд“, додаде.
„Желбата на луѓето да го зајакнат својот бренд ги поттикнува да одат на сѐ поопасни места“, изјави тој, додавајќи дека некои по своја волја се загрозуваат, како што е случајот со бремената жена од Турција која падна од височина од 230 метри додека се обидувала да направи селфи.
„Луѓето може да се видат како прават селфи на камен, карпа или на висока зграда“, рече тој, истакнувајќи дека некои не биле свесни за сопствените граници.
Девојче од Русија кое падна од деветти кат и маж од Индија кој беше убиен од мечка додека правел селфи се уште еден пример на самоубиства со селфи.
„Најголем број на самоубиства на овој начин е забележан во Индија, по Русија, САД и Пакистан“, се вели во извештајот.
- Дестинациите за одмор и купувањето паметни телефони се бираат врз основа на тоа да се направат подобри фотографии -
Унај, исто така истакна дека луѓето ги избираат своите паметни телефони врз основа на нивниот квалитет на предната камера, што ќе им даде подобри селфи фотографии.
„Денес предната камера на паметниот телефон е дизајнирана за правење селфија со квалитет на камера“, рече тој, додавајќи дека ова стана комерцијален начин за да ги привлече ентузијастите.
Заедно со производство на „селфи стапови“ и „селфи чевли“, има многу веб-страници кои споделуваат информации за тоа како да се направи совршеното селфи со тоа што нудат различни пози.
Унај, исто така рече дека луѓето избираат каде да одат на годишен одмор без оглед на убавината или спокојството на локацијата.
„Тие само се фокусираат на изнаоѓање место за да направат селфи. Единствената идеја во нивниот ум е да ги промовираат своите брендови со преземање на многу поубави, специфични и неверојатни селфи фогографии“, рече тој.
Во однос на физиолошкиот ефект, тој рече дека во мозокот, по правењето селфи се ослободува специфичен хормон, со што на крајот предизвикува зависност.
„За да се спречат самоубиствата со селфи“, рече тој, „треба да се процени социолошкото и психолошкото потекло на претходните смртни случаи.“