Safvan Allahverdi
22 Февруари 2019•Ажурирај: 23 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (AA) - САФВАН АЛАХВЕРДИ -
Поранешниот амбасадор на Соединетите Американски Држави (САД) во Саудиска Арабија, Роберт Џордан, изјави дека американската администрација нема да може долго на Саудиска Арабија да гледа како на банкомат, јавува Anadolu Agency (AA).
Џордан учествуваше на панелот за американско-саудиските односи кој го организираше Арапскиот центар во Вашингтон (ACW). По панелот одговараше на прашањата на новинарот на AA, а една од темите беше и смртта на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој брутално е убиен на 2 октомври во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул.
На прашањето зошто администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, не упатила реакција до саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кога станува збор за убиството на новинарот Кашоги, Џордан рече:
„Мислам дека го сметаат за ера која допрва доаѓа во Саудиска Арабија и со оглед дека служи на нивните интереси, тие го игнорираат ова брутално злосторство во кое Мохамед бин Салман бил отворено вклучен.“
Џордан порача дека во однос на тоа прашање не се согласува со администрацијата на Доналд Трамп и дека САД, додека ги продолжуваат односите со Ријад, треба да следат еден пат на кој нема да го игнорираат убиството на Џамал Кашоги.
„Западните општества и приватниот сектор треба да го отфрлат Мохамед бин Салман. Бин Салман повеќе не би требало да го покажува своето лице во Белата куќа или Бакингемската палата. Освен тоа, саудискиот крал (Салман бин Абдулазиз) и челните имиња на саудиската администрација би требало да видат дека Мохамед бин Салман отишол предалеку. Верувам дека во тој случај ќе се смени однесувањето на принцот“, наведе Џордан.
Во својот говор на панелот, амбасадорот укажа на судирот, односно контра ставовите помеѓу Белата куќа и Конгресот во контекст на односите помеѓу САД и Саудиска Арабија.
Според неговите зборови, ефектот кој убиството на Џамал Кашоги го остави на администрацијата од Ријад е сличен на оној по терористичкиот напад на САД од 11 септември 2001 година.
„Конгресот е лут на Саудиска Арабија од моментот кога станало познато дека меѓу 19-те напаѓачи во нападот на 11 септември, имало 15 саудиски државјани. Поради тоа, Конгресот сè уште е лут на Саудиска Арабија и настојува да воведе санкции на Кралството“, наведе Џордан, и додаде:
„Американско-саудиските односи моментално се многу лични. Помалку односите помеѓу Вашингтон и Ријад, повеќе помеѓу Трамп и Мохамед бин Салман. Адиминистрацијата не може долго да продолжи на Саудиска Арабија да гледа како на банкомат. Мораме да пронајдеме начини во нашите односи со непријателите и со сојузниците да ги нагласиме американските вредности.“