Ahmet Dursun
22 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
АНКАРА (АА) - Гласноговорникот на Генералштабот на иранската војска, Ебулфазл Шикарџи, истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) наместо со заканите кон Иран, треба да се фокусираат на тоа да се спасат од пандемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шикарџи за иранската новинска агенција ИСНА ја коментираше наредбата на американскиот претседател Доналд Трамп упатена до американската морнарица за отворање оган врз глисерите на иранските сили доколку ги вознемируваат американските бродови.
Иранскиот генерал потсети дека голем број американски војници, меѓу кои и припадници на поморските сили, се заразени со вирусот Ковид-19.
„Американците, наместо малтретирање на другите, треба да ги вложат сите напори да ги спасат своите сили кои се заразени со коронавирусот“, рече Шикарџи.
Додаде дека САД денес се една од најпогодените земји од пандемијата во светот.
„Американските претставници би требало да размислуваат за тоа како ќе се спасат и како ќе го решат ова прашање“, рече Шикарџи.