свет

Русија за можните визни ограничувања на ЕУ: Европа ги оживува практиките од времето на Студената војна

„За жал, Европејците се потсетуваат на сè што беше поврзано со конфронтацијата од времето на Студената војна и ѝ додаваат нови, порафинирани елементи на таа конфронтација“

Elena Teslova  | 06.11.2025 - Обновена : 06.11.2025
 Русија за можните визни ограничувања на ЕУ: Европа ги оживува практиките од времето на Студената војна

МОСКВА (АА) – Европа продолжува со конфронтација со Русија, оживувајќи ги сите практики од времето на Студената војна додавајќи им нови елементи, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Анадолу.

Коментирајќи ги јавувањата на медиумите дека Европската Унија работи на воведување построги визни ограничувања за руските граѓани, Песков рече дека движењето на руските дипломати во рамките на Шенген-зоната веќе е ограничено и дека е можно Брисел дополнително да ги заостри визните правила и за обичните Руси.

„За жал, Европејците се потсетуваат на сè што беше поврзано со конфронтацијата од времето на Студената војна и ѝ додаваат нови, порафинирани елементи на таа конфронтација“, изјави Песков.

На прашањето дали Москва добила некаква реакција од САД во врска со можноста за обновување на нуклеарните тестови во Русија, како и за успешните тестирања на новите оружја „Посејдон“ и „Буреверстник“, Песков одговори негативно.

Осврнувајќи се на реакцијата на западните медиуми по наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за процена на можноста за подготовка за нуклеарни тестови, Песков ја оцени како „емоционална“ и „во согласност со антируската хистерија“.

„Ова се случува и покрај сите наши појаснувања и покрај јасната формулација на претседателот. Станува збор за продолжување на една многу емотивна, дури премногу емотивна реакција на западните медиуми“, рече тој.

Според него, голем број новинари „не се двоумат да го извртуваат значењето на кажаното“.

„Сето тоа е во согласност со милитаристичката и антируска хистерија што моментно владее во западноевропските земји“, нагласи Песков.

Коментирајќи го претстојниот самит меѓу САД и земјите од Централна Азија што треба да се одржи денес во Вашингтон, Песков рече дека Русија гради сопствени односи со земјите од регионот.

„Путин постојано комуницира со лидерите од Централна Азија. Претседателот има многу добри и искрени пријателски односи со сите нив, што овозможува меѓудржавните прашања да се решаваат многу ефикасно“, изјави Песков.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.