ЊУЈОРК (АА) - Претседателката на здружението „Мајки на Сребреница“, Мунира Субашиќ, вчера зборуваше на панел-дискусијата на Обединетите нации (ОН) насловена како „Меморијализација на геноцидот: правда, вистина, исцелување“ и по тој повод укажа на важноста да се поддржи Резолуцијата со која ќе се одбележи Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, јавува Анадолу.
Субашиќ на почетокот на своето излагање потсети дека во геноцидот во Сребреница биле убиени 22 члена на нејзиното потесно семејство, меѓу кои и нејзиниот најмлад син и сопруг.
Како што изјави таа, според нивната евиденција, во Сребреница биле убиени 10.701 лице, меѓу кои има деца, жени и постари лица.
„Убија 1.042 малолетни деца. Убиваа, сите ги убија за осум дена, а ги убија само затоа што беа муслимани. На почетокот, ние, мајките, не можевме да веруваме дека можат да убијат толку луѓе... да се соберат, да ги убијат и закопаат во големи масовни гробници. Мислевме дека луѓето се живи и чекавме, се надевавме дека ќе дојдат кај нас. Меѓутоа, кога дојде покојниот сенатор Боб Дол, ни соопшти дека сите наши се мртви. Потоа остана целта да ги најдеме коските на нашите деца, достоинствено да ги закопаме и криминалците да излезат пред лицето на правдата, да одговараат за своето злосторство, за геноцидот“, рече Субашиќ.
Таа рече дека целта на жртвите во геноцидот е сите криминалци да бидат изведени пред лицето на правдата, да одговараат. Таа додаде дека со падот на Сребреница без родители останале околу 5.500 деца.
„Беа многу мали, го преживеаја геноцидот, гледаа кога го убиваат татко им, гледаа кога ја силуваат нивната мајка, кога беше силувана нивната сестра, кога нивниот брат беше однесен во смрт, а некои деца се родија и по смртта на својот татко. Многу деца никогаш немале ниту ќе имаат фотографија за да знаат како изгледал нивниот татко“, рече Субашиќ.
Таа рече дека децата, благодарение на мајките, биле воспитувани без омраза, без одмазда.
„Нашите деца не направија ниту една одмазда, нашите деца се образуваа, завршија добри училишта. Наместо омраза и одмазда, нашите деца се доктори, инженери, професори, зборуваат неколку странски јазици“, рече Субашиќ, додавајќи дека тоа не им е лесно, но дека се избориле.
Субашиќ потсети дека во 2013 година пронашла две мали коски на својот најмлад син, благодарение на ДНК-анализата.
„Во еден момент бев среќна што ги најдов коските, што ќе имам обележје дека живеел и дека ќе имам ниша каде што ќе пишува дека е роден во Сребреница и дека е убиен во Сребреница. Од друга страна, од 2013 година, легнувам и станувам со болка. Зар мојот син се состоел од две коски?“, рече Субашиќ, додавајќи дека секоја личност кога ќе почине или е убиена има право да има свој белег.
Таа додаде дека мајките од Сребреница, иако го преживеале протерувањето, силувањето и загубата на своите најблиски, нашле сила и им подале рака на доверба на сите мајки во Босна и Херцеговина, на Балканот.
„Се помагавме сѐ додека не се вмеша политиката, политиката од ентитетот од каде што доаѓам. Повикаа многу мајки на сослушување и им рекоа дека не смеат да соработуваат со нас, дека не смеат да работат и таму секогаш владее темнина. Во ентитетот од каде што доаѓам не е ист законот за Мунира, за Мара и за Ана. Различен е. Кога ќе дојдам во општината и треба да извадам документ за мојот мртов син, за мојот мртов маж, за мртов брат, за сестра, јас мора да платам, а Србинка не мора. Таа е ослободена бидејќи нејзиниот син бил борец и нејзиниот син се борел за Република Српска. Тоа се големи разлики, но сепак има многу добри мајки“, изјави Субашиќ.
Таа додаде дека во ентитетот на РС децата сè уште живеат „во лаги и невистини“.
Субашиќ побара сите да гласаат за усвојување на Резолуцијата за Сребреница бидејќи, како што рече, на сите им е потребна.
„Потребна ни е нам и на Србија, Република Српска, Босна и Херцеговина и на сите нормални луѓе. Потребно ни е да имаме 11 јули, да го одбележиме денот на сеќавањето на убивањето на нашите деца. Ако Евреите имаат 27 јануари, Ден на холокаустот, ако во Африка имаат 7 април, Ден на комеморацијата на геноцидот (во Руанда заб.ав.), кој се случи една година пред тоа, зошто ние мајките немаме право и не треба да имаме право да го одбележиме Денот на сеќавање на Сребреница? Така тој ден би бил порака до целиот свет да не се заборава и да не се повторува“, потенцира Субашиќ.
Таа додаде дека Резолуцијата ќе му биде потребна на српскиот народ кој, како што рече, не ја знае вистинската вистина.
„Сакам сите деца во Босна и Херцеговина, низ светот, да бидат нашата иднина и да живеат во мир, а не да го искусат тоа што ние го доживеавме“, рече Субашиќ.
Генералното собрание на ОН на 2 мај требаше да гласа за Резолуцијата за Сребреница, но гласањето е одложено.
Ова е вторпат да се поместува гласањето - првиот пат требаше да се одржи на 27 април.
Резолуцијата за Сребреница подразбира одлука да се одбележува 11 јули секоја година како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.
Резолуцијата, исто така, безрезервно го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница и ги охрабрува земјите членки да ги зачуваат утврдените факти преку нивните образовни системи, преку развивање соодветни програми, исто така, во знак на сеќавање, со цел да се спречат ревизионизмот и појавата на геноцид во иднина.
Предлагачи на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница се Германија и Руанда.
news_share_descriptionsubscription_contact
