Mehmet Çalık
19 Февруари 2018•Ажурирај: 20 Февруари 2018
АЈДИН (АА) - Во Турција во тек се низа истраги и судења на осомничени за обидот за државен удар од јули 2016 година. Обвинетиот поранешен шеф на полицијата, како сведок-покајник, призна дека во резиденцијата на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, во Пенсилванија влегол со еднодневен код што го добил со посредство на системот за шифрирана комуникација „ByLock“ („БајЛок“), јавува Anadolu Agency (AA).
Сведокот-покајник со иницијали Е.У. даде изјава пред обвинителството во Карс, каде што се води истрага за елементите на ФЕТО инфилтрирани во полициската структура во оваа турска област.
Обвинетиот сведок-покајник рекол дека во редовите на ФЕТО стапил во времето кога се школувал во Средното полициско училиште во Анкара. Тој бил наговорен од страна на старешините да се запише на полициска академија.
„По средното училиште, ни беше кажано да не се запишуваме на факултети, туку да одиме на академија. Во тоа време, по 5 отсто од својата стипендија издвојувавме за организацијата. Од нас се бараше да бидеме внимателни кога одиме во куќите на ФЕТО и ни препорачуваа на патот до тие куќи, секогаш да менуваме барем три превозни средства“, изјави обвинетиот сведок-покајник со иницијали Е.У.
Сведокот-покајник рече дека одреден период работел и како службеник во турскиот Конзулат во американскиот град Бостон.
Во понатамошниот исказ, обвинетиот Е.У. рече дека во тој период почнал да комуницира со надредените водачи на ФЕТО со посредство на тајниот и софистицираниот комуникациски систем „БајЛок“.
„Во тој период го користев кодното име Емре. Моја задача беше да ги известувам челниците од ФЕТО за ставот на Конзулатот кон нашата организација и активностите“, рече обвинетиот.
Тој призна дека за време на престојот во САД, на трипати ја посетил резиденцијата на лидерот на ФЕТО, Ѓулен, во Пенсилванија.
Истакнувајќи дека во рамките на организацијата, резиденцијата се именува како „врв“, сведокот-покајник Е.У. рече дека посетите на тој комплекс се договараат исклучиво со посредство на шифрираниот систем „БајЛок“.
„Пријателот со кој одев во посета, ми ги кажа кодните имиња што сме ги добиле за едно влегување во резиденцијата на ФЕТО. При трите посети чуварите на влезот ми ги одзедоа сите уреди и дигитални материјали што ги носев. За време на последната посета, вниманието ми го привлекоа луѓе коишто чекаа на влезот. Го запрашав пријателот дали тие лица се чувари, на што тој ми одговори дека се полицајци, лојални на ФЕТО, коишто зеле неплатен одмор за да го посетат комплексот, рече обвинетиот Е.У.
Терористичката организација ФЕТО, на чело со Фетула Ѓулен, со посредство на своите инфилтрирани членови во државните институции, во јули минатата година се обиде да изврши државен удар во Турција. Во тој неуспешен обид пучистите убија најмалку 250 лица. Турција потоа покрена опсежна борба против терористичката организација ФЕТО која е формирана пред неколку децении преку злоупотреба на верските чувства на луѓето за остварување на своите терористички планови.