Подготовки во кралските ботанички градини „Кју“ за Фестивалот на орхидеи во Лондон
Манифестацијата, која традиционално го привлекува вниманието на светската јавност, за посетителите ќе биде отворена од 7 февруари до 8 март во стаклената градина „Конзерваториум на принцезата од Велс“
ЛОНДОН (АА) – Во кралските ботанички градини „Кју“ (Kew Gardens) во Лондон во тек се последните подготовки за 30. јубилејно издание на Фестивалот на орхидеи, кој оваа година е посветен на фасцинантниот биодиверзитет и културното наследство на Кина, јавува Анадолу.
Манифестацијата, која традиционално го привлекува вниманието на светската јавност, за посетителите ќе биде отворена од 7 февруари до 8 март во стаклената градина „Конзерваториум на принцезата од Велс“.
Годинашниот концепт на фестивалот нуди уникатно патување низ богатата флора на Кина, земја што е дом на околу десет проценти од светските растителни видови.
Посетителите ќе имаат можност да видат спектакуларни цветни инсталации, вклучително и огромен змеј изработен од орхидеи и исушени листови, како и цветни скулптури на панди што се симболи на кинеската дива природа.
Особено внимание привлекуваат и водните површини во стакленикот, каде што се поставени скулптури на риби (koi carp) изработени од листови од гинко, кои во кинеската култура симболизираат среќа и просперитет.
Ботаничката градина „Кју“, која е под заштита на УНЕСКО, со овој настан уште еднаш ја потврдува својата улога на глобален центар за промоција на ботаничката наука и меѓукултурниот дијалог.
