Ekipa
19 Октомври 2019•Ажурирај: 20 Октомври 2019
КУЛИАКАН (АА) - Најмалку 8 лица се убиени, а 16 ранети во престрелката што се случи при приведувањето на синот на лидерот на наркокартелот „Ел Чапо“ во мексиканската сојузна држава Синалоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Припадниците на специјалната полиција и војска го приведоа Овидио Гузман Лопез, синот на озлогласениот наркобос Хоакин Арчивалдо Гузман Лоера, т.н. „Ел Чапо“, а потоа го пуштија на слобода, откако членовите на наркокартелот одговорија со повеќе вооружени напади.
Членовите на наркокартелот запалија десетици возила и без цел пукааа наоколу, а во настанатиот општ хаос од затворот избегаа најмалку 51 затвореник.
Кабинетот за национална безбедност одржа вонредна седница и нареди помладиот Гузман да се пушти на слобода, а безбедносните сили да се повлечат од градот.
Секретарот на Кабинетот за безбедност, Луис Кресенсио Сандовал, соопшти дека членовите на наркокланот на 14 локации извршиле вооружени напади врз војската и полицијата и блокирале 17 патишта во градот.
Во нередите се убиени пет милитанти, еден гардист, еден избеган затвореник и еден цивил.
Претседателот на Мексико, Мануел Лопез Обрадор, изјави дека ја поддржува одлуката на Кабинетот за повлекување на полицијата и војската од градот во кој дејствува озлогласениот наркоклан „Ел Чапо“ и порача дека приведувањето на еден осомничен не е вредно за губење на човечки животи.
Адвокатот на семејството Гузман, Хуан Пабло Вадилјо, соопшти дека Овидио Гузман е ослободен и здрав се вратил во својот дом.