Abdula Berisha
25 Февруари 2025•Ажурирај: 01 Март 2025
ГАЗА (АА) - Учениците и студентите во Газа се вратија во своите училници за да продолжат со образовниот процес во училиштата кои беа користени како засолништа за време на геноцидната израелска војна во Газа која траеше 16 месеци, јавува Анадолу.
Меѓутоа, училиштата се соочуваат со голем недостиг од основна образовна опрема. Без столчиња или клупи во училниците, учениците се принудени да седат на подот за да присуствуваат на часовите.
„Ова место не може да се нарече училиште“, рече ученичката од Газа, Латифа Махмуд Хасан Абу Шербин, опишувајќи ги тешките услови со кои се соочуваат во уништената училишна зграда.
„Нема столчиња, нема табли. Ние дури донесовме и килими за молитва за да седнеме, а тие едвај беа доволни. Нема достапни наставни материјали што ќе ни помогнат на часовите“, рече Латифа.
И покрај критичните и предизвикувачки околности, таа истакна дека се решени да го продолжат своето образование.
„Нашите аспирации беа многу повисоки од тоа. Имавме цел да бидеме најдобри студенти во Газа, па дури и во целата земја“, нагласи таа.
Училиштата во Газа беа отворени во неделата, на 23 февруари, откако останаа затворени околу година и пол поради војната.
Во соопштението на Министерството за образование се вели дека учениците ќе следат настава „во училишта кои сѐ уште стојат, се реновирани и опремени или преку алтернативни училишта и образовни пунктови кои се создадени во повеќе области“.
Министерството соопшти дека има за цел да понуди онлајн настава за учениците кои не можат да дојдат на училиште, „за да се осигури дека ќе го продолжат своето образование“.
Министерството, исто така, ги повика организациите за човекови права да извршат притисок врз Израел да дозволи влез на материјали неопходни за образовниот процес во Газа.
Според палестинските податоци, 85 отсто од училиштата во Газа се нефункционални поради израелските бомбардирања.
Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа соопшти дека најмалку 12.800 ученици и 800 наставници и просветен административен персонал биле убиени, додека 1.166 образовни институции биле уништени во израелската војна од октомври 2023 година, проценувајќи ја штетата за образовниот сектор на над 2 милијарди долари.