Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи: Ормускиот Теснец мора да остане затворен
- „Желбата на народните маси е да се продолжи со ефикасна одбрана што ќе го натера противникот да се кае“
ИСТАНБУЛ (АА) – Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи денес изјави дека Ормускиот Теснец мора да остане затворен, наведувајќи дека мерката е преземена како одговор на заедничките напади на САД и Израел врз Иран што започнаа на 28 февруари, јавува Анадолу.
„Желбата на народните маси е да се продолжи со ефикасна одбрана што ќе го натера противникот да се кае“, додаде Хамнеи во својата прва јавна порака откако беше назначен за врховен лидер, според иранските државни медиуми.
Тој посочи дека Иран направил процени за отворање и други фронтови во рамките на тековниот конфликт, „каде што непријателот има малку искуство и каде што би бил многу ранлив“.
„Активирањето на овие фронтови може да се случи доколку воената ситуација продолжи и во согласност со националните интереси“, рече Хамнеи, повикувајќи и на учество на церемониите по повод Денот на Кудс „каде што треба да се истакне духот на отпорот против непријателот“.
„Иранските храбри воини го запреа непријателот и покажаа дека не може да ја потчини земјата“, рече Хамнеи, пофалувајќи ги и актерите на „отпорот“, меѓу кои и групите во Јемен, Појасот Газа и Ирак, како и либанската група Хезболах.
„Техеран ќе се одмазди за крвта на Иранците кои се убиени во нападите“, додаде тој.
Тензиите на Блискиот Исток ескалираа откако Израел и САД на 28 февруари започнаа заеднички напади врз Иран.
Во нападите досега се убиени повеќе од 1.300 луѓе, меѓу кои и поранешниот врховен лидер на земјата, Али Хамнеи, како и повеќе од 150 ученички.
Над 10.000 лица се повредени во израелско-американските напади.
Техеран одговори со напади со беспилотни летала и ракети врз цели во Израел, Јордан и Ирак и неколку земји од Персискиот Залив во кои се наоѓаат американски воени бази. Од почетокот на војната се убиени и осум американски војници.
Моџтаба Хамнеи претходно оваа недела беше назначен за нов врховен лидер на Иран, наследувајќи го својот татко Али Хамнеи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
