„Нема место за насилство во Австралија“, рече премиерот Албанезе по пукањето на плажата Бонди
- Во вооружениот напад на плажата Бонди во Сиднеј загинаа 11 лица, а 29 лица се повредени. Еден од напаѓачите е неутрализира, соопшти полицијата
ИСТАНБУЛ
По смртоносниот вооружен напад во Сиднеј, австралискиот премиер Ентони Албанезе денес изјави дека нема место за насилство и омраза во земјата, известува Анадолу.
Најмалку 11 лица ги загубија животите, еден од напаѓачите е елиминиран, а 29 се повредени во вооружен напад што денеска се случи на плажата Бонди во Сиднеј, соопштија австралиските власти.
Полицијата информираше дека отстранила експлозивни направи од автомобилите на еден од напаѓачите, според локалниот медиум Еј-би-си.
„Нема место за ова насилство од омраза и тероризам во нашата нација. Да бидам јасен, ќе го искорениме“, на прес-конференција изјави Албанезе.
„Ова е целен напад врз еврејските Австралијанци“, рече тој, нарекувајќи го инцидентот „тероризам“.
„Австралија никогаш нема да се покори на поделби, насилство или омраза“, додаде тој.
Тој им се обрати на медиумите по одржувањето на состанокот на Комитетот за национална безбедност во Канбера.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на својот профил на американската компанија за социјални медиуми X објави дека е „ужаснат“ и додаде дека го осудува „денешниот гнасен смртоносен напад“.
Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон, ја изрази својата тага во изјава споделена на X, наведувајќи дека е „шокиран од вознемирувачките сцени во Бонди“.
„Моите мисли и мислите на сите Новозеланѓани се со погодените“, додаде Луксон.
Во објава на X, индискиот премиер Нарендра Моди рече дека силно го осудува нападот и им изразува искрено сочувство на семејствата кои ги загубија своите најблиски.
Премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф, на платформата X им изрази најдлабоко сочувство на жртвите од нападот, додавајќи: „Ние сме во солидарност со народот и Владата на Австралија во ова тешко време“.
