Невремето и поплавите на Хаваи предизвикаа штета од една милијарда долари
Гувернерот Џош Грин изјави дека повеќе од 230 луѓе се спасени од надојдените води што поплавија делови од островот Оаху
АНКАРА (АА) - Силните бури на Хаваи и обилните врнежи предизвикаа поплави низ државата, а штетата се проценува на една милијарда долари, пренесоа медиумите, јавува Анадолу.
Гувернерот Џош Грин изјави дека повеќе од 230 луѓе се спасени од надојдените води што поплавија делови од островот Оаху, објави Би-би-си.
„Имаше места од кои мораше да се спасуваат луѓето заробени во водата“, рече Грин.
„Крајбрежната стража, исто така, извлекуваше луѓе од оштетените пловила во океанот.“
Официјалните лица соопштија дека досега не се регистрирани смртни случаи и покрај големите размери на катастрофата.
Во двете последователни бури наврнаа до 127 сантиметри дожд во некои области, поплавувајќи патишта и цели заедници.
Властите ги опишаа поплавите како најтешки од 2004 година.
„Сè уште има големи поплави насекаде, не возете низ длабока вода“, предупреди Грин.
Беа повлечени некои од предупредувањата за евакуација и за ненадејни поплави на Оаху, а во други области сеуште постои закана.
Националната гарда на Хаваи продолжи да го следи нивото на водата кај браната Вахиава, поради загриженост за можно прелевање.
Жителите опишуваат ненадејни и силни поплави.
„Околу 12:30 часот се разбудив и подот беше мокар, водата почна да навлегува со голема брзина“, изјави еден жител, пренесува Би-би-си.
„Изгубивме сè“, додаде тој.
Актерот Џејсон Момоа изјави дека неговото семејство е евакуирано од нивниот дом.
„Засега сме безбедни, но има многу луѓе што не се“, изјави тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
