Muhammed Bilal Kenasari
20 Април 2017•Ажурирај: 21 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон потврди дека не е постигната целта на договорот за нуклеарно оружје, потпишан меѓу Иран и петте постојани држави-членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, јавува Anadolu Agency (AA).
Тилерсон одржа прес-конференција, на којашто даде изјава во врска со политиката на САД кон Иран.
Тој пренесе дека администрацијата на Доналд Трамп направи ревизија на политиката кон Иран и додаде: „Имаме многу јасни докази дека Иран со своите провокативни активности претставува закана за САД, регионот и за светот“.
Тилерсон потврди дека договорот за нуклеарно оружје, кој беше потпишан на 14. јули 2015 година, меѓу Иран, САД, Британија, Франција, Русија, Кина и Германија, не го запре Иран. „Не е постигната целта на договорот за нуклеарно оружје со Иран“, рече тој.
Американскиот државен секретар забележа оти односите меѓу Вашингтон и Техеран нема да ги оценуваат само врз основа на договорот за нуклеарно оружје, затоа што, како што вели, Иран претставува регионална закана. „Сеопфатно ја преиспитуваме нашата политика кон Иран. Договорот за нуклеарно оружје е само еден од факторите што ги преиспитавме“, рече Тилерсон.
Според него, доколку не се контролира државното раководство на Иран, „ќе произлезе нова Северна Кореја“.
Истакнувајќи дека активностите на Иран во врска со нуклеарното оружје создаваат закана за светскиот мир, Тилерсон рече оти Иран создава регионални проблеми, поддржувајќи го Башар ал Асад во Сирија, шиитската милиција во Ирак, Хусите во Јемен.
„Иран се наоѓа на врвот од листата на држави што го поддржуваат теророт и на многу места создавајќи конфузии, не ги почитува интересите на САД“, заклучи Тилерсон.